Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција рече дека Заев и СДСМ го потпишале најсрамниот и најкапитулантскиот договор за Македонија, каде што самите се откажале од името, идентитетот, нацијата и македонското малцинство.
– Зоран Заев, Димитров и останатите доживеаја фијаско на дипломатски план со својата „патлиџан дипломатија“. Заев откажувајќи се од името, идентитетот, нацијата, малцинство, сега преку своите инсталации сака грубо да го прекрши по којзнае кој пат Уставот на Република Македонија. Претседателот на Собранието Талат Џафери и Директорот на Службен Весник на РМ Мартин Костовски се заканија дека доколку Договорот со Грција не го потпише Иванов тие ќе го објават со двоен потпис на Џафери. Им порачуваме, да не си играат со Законите и Уставот на Република Македонија кои се гарантори за редот и поредокот на правната држава која ја зароби Зоран Заев и СДСМ за исполнување на лични цели, рече Арсовски.
Тој додаде дека доколку го направат тој чекор, тоа е ново кривично дело кое што не застарува.
– Одговорност за ова ќе има и неправдата која ќе и биде нанесена на државата и граѓаните ќе биде исправена кога тогаш. Затоа ги повикуваме Џафери и Костовски, да не одат спротивно законите, на Република Македонија, бидејќи ќе одговараат. Република Македонија е поразена на меѓународен план. Заев ги урниса трајно позициите и националните интереси на Република Македонија во однос на евро-атланските интеграции. Немаме никакви гаранции дека Република Македонија ќе биде дел од евро-атлантското семејство. Сите, сите оние министри кои што се занимаваат со евро-атлантските интегративни процеси на нашата држава, на Република Македонија поради ова фијаско што го направија на дипломатски план со нивната “патлиџан дипломатија”, уште веднаш треба да си поднесат оставка од морални причини. Македонскиот народ и македонската држава не заслужуваат Влада како СДСМ. Оваа Влада мора да падне, а Заев мора засекогаш да отиде во аналите на срамната политичка историја на Република Македонија, рече Арсовски.