Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Наумовски, во наредните месеци од општинскиот буџет ќе потроши над 2 милиони денари за 20 нови партиски вработувања и со тоа ќе ја зголеми општинската администрација за енормни 30 проценти, обвини денеска на прес-конференција советник во Советот на Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ, Данијел Апостолоски.
„Со оваа антиреформа администрацијата во општина Ѓорче Петров ќе се искачи до неверојатни 84 вработени. Наместо да почне да ги реализираат проекти што се неопходни за да се обезбедат основни услови за живот, поточно изградба на нови градинки, училишта, игралишта, амбуланта, театар, да се постави ново улично осветлување и клупи, клептоманската власт на СДС сака општинската администрација на Ѓорче Петров да ја наполни со нови партиски војници.
ВМРО-ДПМНЕ предлага наместо да се вработуваат партиски послушници, овие 2 милиони денари да се искористат за нови мерки за прочистување на воздухот, зелени површини, обезбедување на нов систем за греење во училиштата, асфалтирање на улици во Ѓорче Петров, нова урбана опрема, нови детски игралишта и низа многу други проекти“, изјави Апостолски.