ВИДЕО: Анџело и Клементина добија по 18 години затвор, а Андреј 16 години за убиството на Денис Тот

Од:

Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ изрече високи затворски казни за тројцата обвинети за убиството на Денис Тот. Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски е осуден на 18 години. Второобвинетата Клементина Лефковска е осудена на 18 години затвор. Третообвинетиот Андреј Костовски е осуден на 16 години затвор.

Судијката рече дека се ценети сите околности. Отежнувачки околности се степенот на кривичната одговорност, лишувањето на животот… За Анџело и Клементина, отежнувачки околности се и тоа што повеќепати го удирале Тот.

„Не пријавиле дека тие му задале удари на оштетениот, ниту го пријавиле настанот во полиција. Клементина не дала помош вечерта, а Анџело избегал. Олеснителни околности за Анџело се тоа што е млад, неженет, се обидел да помогне, не е осудуван. За Клементина, олеснително е тоа што не е мажена, мајка е, не е осудувана, невработена е, како и изразеното жалење за настанот. Судот за Андреј имаше предвид дека не е женет, вработен е, не се води постапка против него, тој презел дејства да му помогне на оштетениот, судот го ценеше и тоа што искрено и видливо беше манифестирано каењето на сите рочишта“, додаде судијката.

„Најверодостоен доказ за судот се видеозаписите од камерите на ‘Привилиџ’ и од ‘Сејв сити’. Јасно се гледаат сите детали и заеднички дејства на обвинетите. Неоспорно е дека биле свесни за последицата што настанала. Падот на Денис Тот, кој бил спортист и јак, јасно укажува на силината на ударите од Анџело. Ударите продолжиле, Клементина била најупорна, која, иако била оттргнувана, се враќала и не го удирала каде било, туку во главата. Самото вртење на Тот на земјата, влечењето од страна на Анџело и Андреј, некажувањето на брзата помош дека оштетениот бил удиран, упатува на заклучокот дека тие биле свесни за настанување на штетната последица и се согласиле на можност за сторување на делото, односно дејствувале со евентуална умисла. Оштетениот не презел никакви дејства кон нив, а тоа упатува дека тие биле свесни за последиците“, децидна е судијката Илиевска-Јосифовиќ.

Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ посочи и кои докази биле ценети како релевантни, а кои како нерелевантни. За сведокот Рената Соколовска, лицето што повикало и брза помош за Денис Тот, судот изјави дека ѝ подарил верба на исказот бидејќи има поткрепа со материјалните докази. За сведоците Виктор Серафимовски и Даниел Наневски, судијката посочи дека биле пристрасни.

„Пристрасен е исказот. Вака дадениот исказ е противречен на другите докази. Овој сведок бил присутен на настанот, се оддалечил, но кога Анџело ги задал ударите, тој бил свртен кон него и можел јасно да види што се случува“, рече судијката за сведочењето на Виктор Серафимовски, па за исказот на сведокот Наневски додаде: „Од видеозаписот јасно се гледаат два удара од обвинетиот по што оштетениот паѓа на земјата. Ударот од Андреј бил во главата на оштетениот, а не во градниот кош. Не може да се занемари фактот дека овој сведок му е другар од детството. Овој исказ е делумно прифатен од судот“.

За сведочењето на Мартин Ѓорѓиевски, кој опишуваше што се случувало во таксито и е единствен ваков сведок во постапката, судијката рече дека исто така делумно му верува на исказот.

„Овој сведок во најголем дел ги потврдува фактите со видеозаписи. Судот не му подари верба, во која вели дека имало удар од оштетениот кон обвинетиот Анџело бидејќи е контрадикторен со исказот на Даниел Наневски, кој не кажа дека слушнал расправија или видел удар. Евидентно е дека целта е да им се помогне на обвинетите да ја намалат кривичната одговорност“, додаде судијката.

Обвинетите негираа вина за делото убиство. Тие бараа да им се суди за тепачка. Тврдеа дека немале намера да го убијат Тот, ниту умисла, што е еден од условите за да се исполни битието на делото. Судскиот процес траеше два и пол месеца. Обвинителката Тања Трајчевска беше убедена дека докажала вина за убиството кај обвинетите. На судењата беа сослушани многубројни сведоци на настанот, како и вештаци. Клучни беа и снимките од видеонадзорот како од клубот пред кој Тот беше убиен така и снимките од градските камери.

Доколку ракометарот Денис Тот, немал повреда на ‘рбетниот мозок, ќе преживеел. Ова го покажа вештачењето на Александар Станков, директор и доктор на Судска медицина, при обдукцијата на телото. Доктор Станков вели: „Доколку таа повреда би ја немало, тој би можел да преживее“. Ударот во главата во тврда површина бил клучниот момент. Тој се случил кога Тот бил со бокс удрен од страна на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски. Сите обвинети се извинија за делото што го сториле.

„На обвинетите Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефковска и Андреј Костовски им се става на товар дека пред ноќниот клуб ‘Привилиџ’, заеднички, со умисла, го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. Кога обвинетите излегле од ноќниот клуб, влегле во такси-возилото, настанала кратка расправија, Андреј излегол од таксито и го влечел оштетениот од возилото. Кога го извлекол надвор, настанала расправија. Излегла Клементина и почнала да го турка оштетениот со двете раце на градите. Излегол и Анџело, ја тргнал Клементина и го удрил оштетениот со две тупаници во главата по што оштетениот паднал на асфалтот. Додека оштетениот лежел, Андреј го удрил во пределот на градниот кош, а Клементина во пределот на главата. Клементина била тргната од оштетениот, но таа пак дошла до оштетениот и го удрила во пределот на главата, Андреј го удрил со тупаница во главата, па Клементина уште еднаш го удрила во главата. Анџело и Клементина влегле во таксито за да си одат, а потоа таа излегла за да го удри уште еднаш. Оштетениот имал тешки телесни повреди“, опишуваше судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ читајќи го обвинението по што во детали ги опиша сите повреди што ги имал Тот.

Денис Тот беше убиен во април годинава пред скопска дискотека. Во јавноста се рашири видео од тепачката пред дискотеката, на кое се гледа како обвинетите го удираат Тот, тој паѓа на асфалтот и останува без знаци на живот.

Од април годинава за неговото убиство во притвор се 28-годишниот Анџело Ѓорѓиевски, 19-годишната Клементина Лефковска и 22-годишниот Андреј Костовски. Обвинителниот акт беше поднесен на крајот од јули.

„Обвинетите, на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди, од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал“, стои во обвинението.

Изрекувањето на пресудата траеше речиси еден час.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Обвинителката за пресудата за Денис Тот: Казната е во рамки на законски предвидената казна

Кристијан Ландов

(ВИДЕО) „Казните се драконски, ова е неправда“, реакции на адвокатите чии обвинети добија вкупно 52 години затвор

Кристијан Ландов

Лелек, тензии и негодување за високите казни од обвинетите: „Кај ќе ви оди душата?“, „Ќе ме избркате од судница?, „Чист сум пред Бога“

Кристијан Ландов

ВО ЖИВО: Пресуда за убиството на ракометарот Денис Тот

Ландов

Адвокатот на Анџело: Нема убиство на Денис Тот, предлагаме ослободителна пресуда

Кристијан Ландов

Обвинителката убедена дека го докажала убиството на Тот: Огласете ги за виновни

Кристијан Ландов