Невозможни се избори на 5 јуни, велат за А1он политичките аналитичари. Според нив, доколку тие сепак се случат, тоа нема да биде стекнување на легитимитет.
– Нема да има избори, кратко одговори аналитичарот Сашо Ордановски.
Според политикологот Насер Зибери, формално избори може да има, но тоа ќе биде само изборна фарса.
– Тоа ќе биде една фарса која нема да биде легитимирана од меѓународниот фактор и ќе наиде на реакција од внатрешниот фактор, целосна реакција и од македонската опозиција и од сите албански партии на власт, од опозиција, парламентарни и вонпарламентарни. Од тие причини, јас сум длабоко убеден дека такви избори нема да има, вели Зибери.
Тој вели дека Социјалдемократската партија на Македонија е досега непостоечка партија, а Народното движење на Македонија е сателит на ВМРО-ДПМНЕ.
– Во Република Македонија политичките партии кои претставуваа релевантен фактор низ кој се артикулира волјата на граѓаните не се тие партии, од тие причини на внатрешната јавност и на меѓународната јавност им е јасно дека на избори ќе оди само ВМРО-ДПМНЕ со својата коалиција. Не одат албанските партии, не оди СДСМ, другите парламентарни ниту вонпарламентарни опозициски партии. Секој обид да се претстави овој процес како легитимен е надвор од секоја логика и тој процес нема да помине ниту кај внатрешната јавност, рече Зибери.
Партиите синоќа до полноќ требаше да поднесат кандидатски листи, а тоа единствено го направија ВМРО-ДПМНЕ, СДПМ и НДМ.
Од кандидатските листитие кои доцна синоќа ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ засега се знаат само носителите.
Во изборна единица 1, предводник е Никола Груевски, актуелниот министер за надворешни работи, Никола Попоски е предводник на втората изборна единица, Илија Димовски на третата, министерот за здравство, Никола Тодоров на четвртата, Антони Милошоски на петтата изборна единица, а на шестата изборна едница, предводник на кандидатската листа е Влатко Ѓорчев.
Една од трите партии која поднесе свои кандидатски листи, Социјалдемократската партија на Македонија, неодамна беше реактивирана. Таа првпат во јавност се појави во 2006 година со имиња слични на оние од СДСМ, со цел да создадат конфузија кај народот.
Александар Тодески