Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година, беше главна тема на денешните одвоени средби на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Фатмир Бесими со амбасадорите на Финска, Тимо Рајакангас и на Ирска, Жерард Кор.
Како што соопшти СЕП, вицепремиерот Бесими истакна дека важно е што и во овој Извештаj, ЕК по шести пат ја потврдува препораката Република Македонија да започне преговори за полноправно членство во ЕУ. Тој, притоа ги информираше амбасадорите дека Владата е свесна за сериозноста на укажувањата и посветено работи кон решавање на предизвиците со кои се соочува државата.
На двете средби вицепремиерот ги запозна амбасадорите со конкретните мерки кои ги презема СЕП, во однос на укажувањата од Извештајот.
Тој истакна дека од страна на СЕП подготвена е детална анализа во однос на наодите дадени во Извештајот, која ќе биде презентирана на утрешната владина седница. Меѓу другото, нагласи дека веднаш по добивањето на Извештајот Секретаријатот отпочна со организирање на посебни средби со академската заедница, невладиниот сектор, судството, министерствата, здруженијата на новинари како и со бизнис заедницата, со цел постигнување поголема транспарентност и инклузивност на процесот.
Двајцата амбасадори, како што се наведува, искажаа поддршка за евроинтеграцијата на Република Македонија и потенцираа дека и двете држави се партнери на Македонија и се отворени за идна соработка.