Велосипедисти од Македонија и Бугарија со тури за природните потенцијали за одржлив туризам на Осогово

Од:

Петнаесетина велосипедисти од источна Македонија и западна Бугарија денеска возеа планинска рута во падините на Осоговските Планини од македонската страна на границата, откривајќи ги природните потенцијали за одржлив туризам на Осогово. Активностите се дел од проектот „Поддржување на одржлива иднина за луѓето и природата на Осоговските Планини“ кој Македонското еколошко друштво (МЕД) го спроведува заедно со партнерската организација Биолошка фондација за биоразнообразие (ББФ) од Бугарија, во координација со германската фондација Еуронатур.

Целта е да се поддржи имплементација на добри практики за регионално одржлив развој, во соработка со локалните заедници, како и да помогне во зачувувањето на ексклузивното биолошко разнообразие на Осогово.

Учествуваа осум велосипедисти од Македонија, од Скопје, Кочани, Штип, Виница и шест велосипедисти од Ќустендил и Софија, Република Бугарија.

– Вчера се возеше патеката Три Буки во соседна Бугарија, во услови на снег, околу 30-тина километри, додека денеска возевме од Калин Камен, преку Царев Врв и Пониква и Злетово, околу 40 километри. Утре во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ ќе се одржи прекуграничен форум за презентирање на резултатите од анализата за турите и патеките кои ќе може да се понудат како туристички понуди и да се обележат, изјави Панче Зафиров од ВК „Москито“, Кочани.

На трките учествуваа професионални велосипедисти, кои истакнаа дека ќе се понудат по три-четири патеки од двете страни на Осоговската Планина, со цел истите да може да ги возат не само професионалци, туку и рекреативци кои ќе посакаат да уживаат во убавините на овој крај.

– Повеќе години се натпреварувавме во тркачки или роад-велосипедизам, сега сме дел од планинските патешествија, планински велосипедизам. Овој настан е одличен за запознавање на можностите на двата предели, секој дел од планината, секој врв што се искачува, секоја мината река и пејзажите кои се гледаат се неповторливо уживање, поради што повикувам секој кој има можност да го искуси ова, изјави Јоже Јованов, повеќекратен првак во велосипедизам на Македонија.

Проектот е финансиран од Германската федерална фондација за животна средина (ДБУ), Франкфуртското зоолошко друштво (ФЗС) и со сопствен придонес на партнерите.

Би можело да ве интересира

Промоција на интегрирани туристички понуди на Осогово и Малешево

Работилницата за дефинирање предлог граници и зони за формирање заштитено подрачје Осоговски Планини

Наум Локоски

Почнува постапка за прогласување на Осоговски Планини и Ченгино Кале за заштитени подрачја

Ана Ололовска

Велосипедска тура на Осогово

Наум Локоски

Петровденски марш до Царев Врв на Осоговските Планини

Наум Локоски