Вељаноски за 27 април: Навистина жалам за тоа што се случи, сите заедно сме жртви и изгубивме многу

Од:

Деловникот на Собранието секогаш ми бил водилка и доследно сум го почитувал, а тоа го потврдија и сведоците Зоран Заев, Петар Атанасов, Никола Тодоров. На 27 април 2017 година во 18:01 ја прекинав Конститутивната седницата и закажав продолжение за следниот ден. Навистина жалам за тоа што се случи потоа. Имаше жртви, некои физички, а некои политички, но сите заедно сме жртви и изгубивме многу, наведе во својата одбрана првообвинетиот Трајко Вељаноски, на денешното судењето за организаторите на случувањата на 27 април 2017 година.

Прашан дали и каква комуникација имал со останатите обвинети на 27 април 2017 година, поранешниот собраниски спикер Вељановски рече дека со Владимир Атанасовски немал никаква комуникација и дека го запознал во судница, со Миле Јанакиески имал службена комуникација додека бил министер, но во 2017 година никаква комуникациа, додека со Спиро Ристовски имал само службена комуникација, а на 27 април се чул со него за да се информира за инспекциски надзор на просветен инспекторат на некој факултет.

Вељановски, во својата одбрана претходното укажа дека пред Конститутивната седница долго немало усогласеност меѓу политичките партии за точките на дневен ред, како и дека имало многу пријавени за збор.

Конститутивната седница, како претседател на Собрание од претходен состав, Вељановски рече дека ја закажал 20 дена од одржување на изборите, со четири точки на дневен ред, согласно Деловникот.

– На 29 декември свикав подготвителен состанок, на кој дојдоа претставници на политичките партии. На тој состанок барав да се договори текот на седницата, но за жал претставниците од СДСМ и ДУИ инсистираа да се заврши со втора точка. Јас инсистирав, барем да се заврши со трета точка – Комисија за избори и именувања. Но, тие не сакаа да се изгласа составот на Комисијата. Ова е важно, зошто ако се изгласаеше, никој понатака немаше да може да го користи филибастерингот, како што се случи и седницата ќе си продолжеше со четврта точка, изјави Вељаноски.

За жал, рече тој, се заврши само со втората точка и за тоа има докази.

– Девет години како претседател на Собранието мене ми беше водилка Деловникот. На седницата на 30 декември се усвоија две точки – Верификационата комисија и верификација на мандати. Тука јас морав да ја прекинам седницата, затоа што немав предлози за следните точки -за Комисија за избори и именувања и за Претседател на Собранието. Јас ги повикав политичките партии да се усогласат и достават предлози, изјави Вељаноски.

За жал, до средината на март, рече Вељаноски, не добив никакви предлози од политичките партии.

– На 17 март првпат добив допис од пратениците од СДСМ, Беса и коалицијата, со кое се бара да продолжи со работната седница. Јас ги свикав на координативен состанок за да се договориме за текот на седницата. На 21 март се одржа тој состанок и ги замолив да предложат состав на Комисијата, но не постоеше согласност, кој колку ќе учествува и ја презакажав за 22 март. За жал, повторно не се усогласија. На 23 март дојдоа претставници на политички партии и се најде согласност за составот на Комисијата и за јас да закажам продолжение на Седницата на 27 март. Пред почетокот на седницата добив исправка и предлог за претседател на Собранието, изјави Вељаноски.

По започнувањето на седницата, рече Вељановски, имаше многу пријавени за збор и затоа одржав повеќе координативни состаноци на кои барав од координаторите да им укажат на пратениците да се откажат од репликите и контра репликите.

– По неуспешните координации за побрзо завршување на седницата се продолжи согласно редовниот тек се до 27 април, кога околу 13 часот Зоран Заев во процедурално забележа дека ќе се избира претседател на Собранието во оваа сала, во ходник или во МАНУ. По тоа, јас објаснив и ги замолив пратениците да се откажат од правото на збор, реплика и контра реплика за да може да се заврши изборот побрзо, но јас сепак немам право да им го одземам. Таа молба не ја послушаа и за тоа има материјални докази, изјави Вељаноски.

СДСМ, рече Вељаноски, шест-седум дена пред 27 април држеше прес-конференции и најавуваше дека ќе се изврши избор на претседател на Собранието.

– За време на редовната пауза од 14 до 15 часот Зоран Заев на прес-конференција го повтори истото што го кажа и на седница. Сања Спасеновска, од мојот кабинет, ми прати смс порака дека веројатно СДСМ ќе одржат вечерта централен и утре ќе се обидат да изберат претседател на Собранието. Јас таа порака ја препратив и до Никола Груевски. По продолжување на седницата добив допис од 31 пратеник . Седницата да продолжи наредниот ден. Во 16 часот, добив препратена порака од Никола Груевски, дека дента ќе се врши избор, но јас не ја земав за сериозно, зошто имаше многу пријавени за збор. Второ, веќе добив допис во кој се бара седницата да продолжи следниот ден. Трето, добив порака и на 26 дека ќе се избира, но не се избра, рече Вељаноски.

На паузата меѓу 17 часот, рече тој, сите претставници на политичките партии ми потврдија дека дента ќе се работи до 18 часот и ќе се продолжи следниот ден.

– Во процедурално Оливер Спасовски повторно бараше да се премине на гласање, по него Илија Димовски, па Крсто Муковски, кој ја испеа химната. По него збор доби Влатко Ѓорчев, а по него Зекирија Ибраими, кој пееше на албански околу 20 секунди и без превод. Јас не ни знаев што пееше, а бидејќи веќе беше 18 часот ја прекинав седницата и закажав продолжение за следниот ден, изјави Вељаноски.

Зекирија Ибраими, појасни тој, самиот побара процедурално како лидер на пратеничка група и доби процедурално.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Следното рочиште е закажано за 31 март, кога со одбрана треба да продолжат останатите обвинети.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Би можело да ве интересира

Судењето за случајот „Организатори на 27 април“ презакажано за 14 ноември – обвинетите бараат Судот да го примени Законот за амнестија

Катерина Ѓуровски

ЗНМ: Правда за новинарката Душица Мрѓа за „27-ми Април“: значаен чекор напред во борбата против заканите врз медиумските работници

Се предаде Дејан Давидовски Дешо, баран по меѓународна потерница за настаните од 27 април

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Пандов пушта од затворите лица осудени за 27 април

Катерина Ѓуровски

СДСМ: 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ кој не смееме да дозволиме да се повтори

Горан Наумовски

Јанакиески бил незаконски притворен и држен во домашен притвор за „Шпански скали“ и 27 април, пресуди судот во Стразбур

Александар Тодески