Велигденска порака на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан

Од:

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан до сите верници од православна вероисповед упати велигденска порака по повод претстојниот празник Воскресение Христово – Велигден.

– Возљубени празникољупци, Воскресението Христово е коренот на нашата вера! Во нашиот живот сè е насочено кон тaa сепобедна вистина. Преку тој спасоносен настан се удостоивме да учествуваме во тајната на верата, надежта и љубовта. Со Воскресението сè се исполни со праведност, мир и радост… Распнатиот Христос победи, а смртта стана вистинска пасха, реален премин од ништожност и темнина во живот. И, нема поголема вест за човекот и светот од најрадосната вест за победата на животот над смртта. Со тој неповторлив настан, Бог ни објави дека сè ново создава, и дека кој е во Христа, тој е ново создание.

Оттаму, овој Голем ден е дар Божји, во кој треба да препознаеме дека ништо не завршува со страдањето и смртта, туку дека Велигден е денот на животот! Тој настан ја откри и смислата на страдањето, но и потребата да внимаваме во нашите животи, во секоја помисла и збор, и при секој чекор и дело.

Возљубени, Ова лето Господово се навршуваат 1000 години од постоењето на Охридската Архиепископија. Векови – цел еден милениум ја сведочат историјата на нашата света Црква. Овој голем јубилеј, како и шесте децении од нејзиното возобновување, Македонска православна црква и македонскиот народ ќе ги одбележат во текот на оваа година. Со тоа ќе се потсетиме за славните времиња, но и за премрежијата низ кои поминала и поминува нашата древна Црква.

Со Божја помош, по молитвите на свети Климент Охридски – нашиот патрон, да продолжиме по патот на Господа, да ја чуваме чистотата на верата, единството во Црквата и меѓу нашиот народ, грижејќи се и бранејќи ги нашите духовни и национални вредности и посебности.

Верата во Воскресението е извор на трпение, љубов и надеж. Затоа, и на овој и на секој Велигден, радосно сведочејќи ја спасоносната вистина на Воскресението, да објавиме и меѓусебно да се поздравиме со мироносните зборови: Христос Воскресна! Навистина Воскресна!, стои во велигденска порака на поглаварот на МПЦ., г.г. Стефан.

Би можело да ве интересира

Велигден – зошто не е секоја година на ист ден и како се пресметува датумот

Катерина Ѓуровски

МПЦ-ОА: Овој Велигден го славиме во канонско единство

Православните верници денеска го слават Велигден

За Велигден бесплатно паркирањето во Охрид, во вторник слободен влез во музеите низ градот

(ВИДЕО) Ковачевски со спот за Велигден: Зелената боја е зелена енергија, а тоа значи поевтина струја

Државна и црковна делегација во Ерусалим на преземање на Благодатниот оган во Базиликата на Светиот гроб

Ана Ололовска