Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан до сите верници од православна вероисповед упати велигденска порака по повод претстојниот празник Воскресение Христово – Велигден.
– Возљубени празникољупци, велегласно ќе бијат црковните камбани, објавувајќи го Христовото воскресение, и пренесувајќи ја радоста за Празникот над празниците. Силно ќе одѕвонуваат воскресенските ѕвона, повикувајќи нè торжествено да го отпразнуваме светлозарниот ден на Христовото воскресение. Затоа, молитвено да се пренесеме до спасоносниот Настан, та едномислено и еднодушно, заедно со Небото и Земјата, да Го прославиме Бога за сите Негови дела.
Во овие торжествени мигови, да се потсетиме на неповторливата жртва, кога Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да има живот вечен. Под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме, освен преку името на Христа воскреснатиот, преку Кого на паднатиот човек повторно му се вратени достоинството и вечноста.
Во она воскресенско утро, ангелот објавил: зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Па, Тој е жив, Тој воскресна. Затоа, Велигден е празник на животот, зашто ако нема воскресение, нема победа над смртта, нема вечен живот.
Возљубени, нашево време, за жал, изобилува со недоразбирања, судири и страдање. Доброто, љубовта и вистината се потиснати од злото, користољубието и омразата. Крајно време е луѓето да се свртат и да се вратат кон Бога, Кој е единствениот пат, вистина и живот. Нашиот народ знае дека без Бога и без Црквата не ќе може ништо. Знае дека богољубието и братољубието се двете основни правила по кои треба да постапуваме. А, многупати се потврдило дека само кога со едномислие чекориме во вистината Божја, и кога сме сплотени – имаме напредок; дека чесноста, вистината и правдата се добродетелите со кои најдобро можеме да се бориме против сите непријатели.
Оваа година, како Црква и народ ја одбележуваме 50-годишнината од воскресението на нашата древна Мајка, Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Таа богоугодна и народољубива одлука на нашите претшественици од 1967 година, ќе ја одбележиме молитвено и со свечености во сите наши епархии и институции, ќе канонизираме богоугодници од нашиот род, и ќе се потсетиме на оние кои се вградија во воскресенското дело. Со Божја помош, да продолжиме устремени до конечното прифаќање на нашата Македонска меѓу помесните православни Цркви. Христос воскресе!, стои во велигденска порака на поглаварот на МПЦ., г.г. Стефан.