Ивон Величковски, претседател на Либералната партија, на прес конференција рече дека деновиве македонската јавност е преокупирана со најновиот договор меѓу пржинските потписници. Но, посочи, полупроизводите на „државно-партиската коалиција на Груевски и Заев“ (ад-хок медиумски комисии, т.н. прочистување на избирачкиот список и сл.) не смее да не дефокусираат од битните прашања за граѓаните.
Еве што кажа Величковски:
Такво стратешко прашање за Македонија е енергетскиот пазар, а особено пазарот со нафта и нафтени деривати. Една од точките на независноста на државата е нејзината енергетска одржливост и социјалната и економската положба на граѓаните, а значајно прашање во тој домен е снабдувањето со нафта и деривати.
Оттука, вниманието го насочуваме кон претстојната одлука на Комисијата за хартии од вредност по прашањето на „Макпетрол“, како најголема фирма за снабдување на пазарот со нафта и нафтени деривати, односно снабдувањето на граѓаните, институциите и фирмите со нив.
Либералната партија во повеќе наврати, уште од ланското замрзнување на сметките, предупреди дека расчистувањето на овие прашања ќе одговори дали сите процеси против АД „Макпетрол“ се битка за нафтениот и растечкиот пазар на гас. Неколкукратното одлагање на одлуката на Комисијата за хартии од вредност по прашањето на понудата за преземање од страна на „Балкан Петролеум“, укажува дека „Макпетрол“ и нафтениот пазар во Македонија се и политичка цел.
Денес гледаме процес кој најавува опасност од политичко, но и стратешко прекројување на пазарот со енергенси. Всушност, „Макпетрол“, но и воопшто снабдувањето на пазарот со нафта, деривати и гас, ризикува да стане колатерална штета и дел од пржинското договарање. Затоа ги предупредуваме „државните коалиционери“ Груевски, Заев и Ахмети дека владеењето на правото, а не партиската поделба на економијата е основна задача на одговорната политика.
Во оваа прилика укажуваме на два основни потенцијални ризици што се исцртуваат со случајот „Макпетрол“.
Првиот се однесува на 2.000 работни места во компанијата и егзистенцијата на нивните семејства. Да не заборавиме дека за нив само лани се издвоени 5 милиони евра по основа на персонален данок и придонеси. Вкупниот придонес на компанијата кон буџетот лани по основа на давачки е 174 милиони евра. И да се потсетиме и дека цените на горивата во моментов, меѓу другото, токму поради ваквата пазарна поставеност, се меѓу најниските во регионот.
Вториот ризик е стратешки: „непријателско преземање“ на компанијата од страна на рускиот „инвеститор“ најавува опасност низ енергетска зависност на пазарот на нафта, нафтени деривати и гас да биде влијаено врз промена на македонската надворешно-политичка и воена евро-атланска ориентација.
Либералната партија предупредува дека партиите и државните раководители имаат обврска да ги спречат ризиците од ваквиот несакан правец на развој.
За ова е потребно навремено да се препознаат и пошироките контексти.
Исцртувањето на ердоганистичко-путинистичкиот сојуз по обидот за пуч во Турција, и сите процеси во Турција произведени потоа, најавуваат пошироки импликации.
Имајќи ги предвид етничките и религиозните различности и во Македонија, и Македонците и Албанците и воопшто граѓаните на Македонија, а пред се политичките лидерства, мора да бидат свесни за предизвикот и потребата од одолевање било пред романтичкиот панславизам на путинизмот, било пред идеологизираниот исламизам на ердоганизмот.
Оттука, додека „државната коалиција“ на Груевски, Заев и Ахмети се занимава со формите на одржување на партискиот поредок, Либералната партија повикува и се залага за оспособување на институциите и гарантирање на:
– секуларноста на државата;
– владеење на правото и стабилност на институциите;
– парламентарна демократија и
– опстојување на патот на евро-атланските интеграции.
Првиот тест за нашата државна и институционална зрелост е пресретнувањето на опасноста од енергетска зависност и идна промена на евро-атланскиот курс на државата.