Му посакувам на Ставрески да закрепне, но причините за неговото заминување од Владата треба да се бараат во две основни можности: дека знае оти ВМРО-ДПМНЕ веќе нема да го води ресорот финансии, па „чисти“ простор за нова „пржинска влада“ или дека веќе нема „маѓични“ трикови за одржување на буџетската кондиција, за што евро-обврзницата од 241 милиони евра е очигледен доказ. Или, најсигурно, и двете, рече претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски.
– Со оглед на сериозниот застој, очигледна е потребата од посериозен ангажман на меѓународниот фактор за суштинско решавање на проблемите, а не само за техничка асистенција во преговорите на пржинските партнери. Предупредивме дека оваа криза има регионален карактер. Со опаѓачкиот економски развој во вид, земјата оди во уште подлабока криза и таа нема да остане во нашите граници. Одејќи кон нов 24 април, односно 5 јуни, само се губи време, рече Величковски.
Ова го оцени претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски на неформалната средба со најтесното раководство на партијата во Кавадарци, придружуван од генералниот секретар Филип Николовски.
– Пржинските партнери треба да одговорат и точно за што преговараат и зошто е тоа толку тајно: ако избирачкиот список бил така „лесно решлив“ низ партиски преговори, како што сега прикажуваат – џабе било „фемкањето“ со ДИК. Ако медиумските реформи биле едноставни, и нив можеше да ги „испазарат“. За цивилна контрола врз тајните служби, за буџетска транспарентност и за непречена работа на Специјалното јавно обвинителство нема ниту збор, рече Николовски.