Лидерот на Либералната партија Ивон Величковски, по информацијата дека е можно да се приклучи на опцијата на екс премиерот Владо Бучковски, и неговото здружение да има претставник во парламентот, вели дека импонира желбата за соработка на бројни граѓански и политички иницијативи со Либералната партија.
„Ова потврдува дека во изминатите две години ЛП стана атрактивна за сите слободоумни и општествено активни и одговорни граѓани, кои во нас препознаваат автентичен и динамичен политички центар спротивставен на оваа власт, но и на биполарната политичка сцена и политичкиот клиентелизам. Драго ни е што Либералната партија и либералните политики се точката на спојување на проминентни политичари, бизнисмени, новинари и општествено влијателни поединци. ЛП е отворена особено и за Бучковски, Јорданов, Зиков и сите граѓани со интегритет, подготвени за надминување на проблемите со кои се соочуваат македонската држава и општество“, вели Величковски.