Носителот на листата на Либералната партија во Изборната единица 1 Ивон Величковски и кандидатите за пратеници Голубка Нечевска Цветановска, Мето Јовановски, Љупчо Арсовски и Јасмина Димовска вчера имаа средба со граѓаните во Општина Центар.
Величковски во обраќањето ја потенцира определба на партијата дека, како што рече, ќе води урбана, наместо провинцијална политика.
– Кога сме во Центар, треба да се сетиме на се што се случуваше на локалните избори, на се што му се случува на центарот на градот и со нашиот град. Не случајно во Центар ја потенцирам нашата определба дека ќе водиме урбана, наместо провинцијална политика. По оваа одредба се водиме и сега, а ќе се водиме и на локалните избори, истакна Величковски.
Тој ја нагласи потребата од здрава животна околина и чист воздух, но и од добар животен стандард.
– Да не забораваме дека овие избори денес се избори со кои треба да ја консолидираме Македонија, да ги консолидираме институциите, зашто нема никаков прогрес без организирана држава и стабилни институции. Нема добар квалитет на живот без добра економија. Затоа економијата мора да биде на прво место. А за тоа ни треба одговорно буџетирање и правилно планирање, подвлече Величковски.