Вебинар на тема навреда и клевета: Охрабрување на слободата на изразување преку намалување на казните

Од:

Во организација на „Здружението на новинарите на Македонија“, денеска се одржа вебинар на тема: „Нови трендови во локален и регионален контекст во законодавството за клевета и навреда“, на кој свое обраќање имаше и министерката за правда Рената Дескоска.

Во Министерството за правда во тек е изработка на измени на Законот за навреда и клевета. Дескоска истакна дека целта е воспоставување на правна рамка согласно европските стандарди со цел да се заштити слободата на изразување и да се воспостави баланс со заштита на личното достоинство, недискриминацијата, забрана за стигматизација и слично.

Во моментот, како што е наведено во соопштението од Министерството за правда, се подготвува анализа од страна на експерт ангажиран од Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации (УНОПС), во која ќе бидат опфатени праксата на Европскиот суд за човековите права, компаративни искуства, но и на досегашната примена на домашниот закон, која ќе претставува основа на измената на овој закон, заедно со други релевантни анализи.

Дескоска истакна дека концептот за работа, суштината на законот, треба да одреди соодветна висина на казна – не казна којашто ќе биде превисока, туку казна којашто ќе биде симболична како сатисфакција на оној којшто му е повредено правото со одредена навреда или клевета.

-Казната не треба да биде казна којашто ќе значи обесхрабрување на слободата на говор. Секако, законот не треба да се фокусира единствено на висината на казните, туку да опфати и други прашања со цел да се креира конзистентна правна рамка согласно европските стандарди, потенцираше Дескоска.

Слободата на говор, како што посочи министерката, без сомневање е основ на демократското општество, но сепак, како што додаде, мора да сме свесни дека европските стандарди не ги штитат сите типови на говор.

-Важно е да се направи баланс и вистинската проценка што претставува говор на омраза, што дискриминира, што на некој начин стигматизира одредени групи, а што е слобода на изразување, истакна Дескоска.

Новина е и тоа што во Министерството за правда се подготвува целосно нов Кривичен законик. Дескоска истакна дека очекува јасни и прецизни описи на забрането однесување заради обезбедување на правна сигурност на сите.

Како пример, министерката го наведе кривични дела коишто тангираат слобода на говор како повреда на углед на државата, предизвикување на национална, расна и верска омраза, поттикнување на дискриминација, ширење на расистички и ксенофобичен материјал, поттикнување на геноцид, изложување на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците.

-Очекувам преку јасното формулирање на она што ќе биде инкриминирано во овие дела да се направи разграничувањето со она што ќе значи гаранција за слободата на говор, истакна Дескоска.

Целта, како што велат од Министерството за правда, е двата закони да бидат комплементарни и да не содржат конфликтни одредби.

Би можело да ве интересира

Претседателот може да помилува само осудени, не и кривично гонети: Предлог законот за помилување во Собрание

Орце Костов

Лога: Очекувам брза екстрадиција, списите денеска ќе ги пратиме по електронска пошта и преку амбасадата

Александар Тодески

Обвинителството реагира до Лога: Дел од забелешките за Извештајот се неточни, Јовески е спремен да одговори согласно закон

Александар Тодески

Министерство за правда: Законот за амнестија нема да се носи со европско знаменце

Горан Наумовски

Министерството за правда ќе врши надзор над системот за електронска распределба на предметите во јавните обвинителства

Нова амнестија: На слобода сите осудени на затвор до шест месеци, ВМРО ќе го блокира Законот

Орце Костов