Со сослушување на поранешниот медицински директор на ЈЗУ Клиниката за онкологија, Нино Васев, и економскиот директор на Фондот за здравствено осигурување, Стево Крстевски заврши последниот ден од сослушувањето на сведоците и експертите во врска со случајот на Клиниката за онкологија. Повеќе прашања пратениците упатија кон Васев, кој беше повикан повторно, особено во врска со набавката на лековите и нефункционалноста на КАТО системот.
Пратеникот Ненад Коциќ, го праша Васев во врска со нефункционалноста на КАТО системот. Васев одговори дека системот бил некомплетен и немал изолатор.
-КАТО системот е купен 2014 година, мислам дека авансно е платен и монтиран е во ноември 2014 година. Не е извршено технички прием од техничко лице, туку е со потпис на тогашното раководство. Пуштен е во 2017 година, два месеца пред јас да дојдам на функција. Како директор бев известен дека системот е некомплетен, тој нема изолатор. Целиот тендер за КАТО системот го нема во институтот, целиот тендер е исчезнат, имавме контрола од Фондот и е воочено во таа контрола во 2017 година, дека недостасуваат четири тендерски постапки. Значи ја немаше цела документација, рече Васев.
Освен тоа, тој објасни дека по бројни консултации со српската компанија како и француската компанија како производител на системот, во соработка со наши претставници од министерството се обидувале да го вклучат барем за основните норми, но софтверот што бил купен во посебна тендерска постапка никогаш не проработел.
-Значи КАТО системот не е исклучен од струја, а и да е оставен во подрум, тој е на истото место каде што е направен. Софтверот ден денес не е направен. Проблемите со КАТО системот требаше да ги открие некоја повисока институција, тој и сега не е вклучен, ниту може да се вклучи без комплетно сервисирање на сите делови, затоа што сервисот и гаранцијата поминаа истата година кога беше ставен, односно ставен е во ноември 2014 година, а гаранцијата помина веќе во јуни 2015 година, додаде Васев.
Во врска со прашањето на пратеникот Љупчо Пренџов околу доцнењето на лековите, Васев одговори дека се реагирало на доцнењето од помалите фирми, но за поголемите фирми, како што посочи, требало да има институционална реакција затоа што не било можно да се затвори соработката со нив бидејќи тоа би значело и прекин на добавувањето и на другите лекови кои доаѓале од истите тие компании.
Во однос на прашањето на пратеникот Зоран Коцевски поврзано со сумите и набавките на лековите, поранешниот директор на Онкологија кажа дека на почеток откако станал директор на Клиниката за онкологија, за една година го намалил долгот од 115 милиони денари на 12 милиони денари, 2020 година имало 52 милиони долг, но тој долг нагло се искачил на 250 милиони во 2020 година, а во 2021 година на 655 милиони денари, што, како што рече, било исклучиво од биолошката терапија и на крај во 2021 година даден е финансиски извештај на Фондот.
-Не смеевме да прекинеме со биолошката терапија поради „ребаунд“ ефект. Ако прекинете имунолошка терапија повеќе од три недели, се враќа болеста, и не само што се враќа, туку се враќа многу полошо назад. Тој феномен е многу опасен кај биолошката терапија и не смее да се застане, три години, кај плуќа е две години, кај дојка е три години минимум мора да трае терапијата кај метастатската болест, рече Васев.
По сослушувањето на поранешниот економски директор на Фондот за здравствено осигурување, Стево Крстевски, претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи најави дека комисијата ќе продолжи со разгледување на акти и документи поврзани со овој скандал. Продолжението ќе биде дополнително закажано.