Вакцините против сезонски грип се очекува да пристигнат во државата во текот на следната недела, велат за „А1он“ од Министерството за здравство, но годинава комерцијалните вакцини против сезонски грип ќе бидат со повисоки цени.
Минатата година, вакцините чинеа 650 денари, а годинава ќе бидат 800 денари. Центарот за јавно здравје набавува 4.000 комерцијални вакцини, производ на Sanofi Pasteur, Франција (VAXIGRIP TETRA). Вакцинирањето ќе се одвива во центрите за јавно здравје.
„Покачувањето на цената на вакцината за разлика од мината година е поради фактот што сега набавната цена на истата е 650 денари, а 160 денари се манипулативни трошоци (потрошен материјал)“, велат од Министерството за „А1он“.
За ризичните групи, велат од Министерството, набавени се 40.000 дози на четиритипни вакцини кои се наменети за бесплатна вакцинација на стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.
„Веднаш по пристигнувањето на вакцините, ќе започне и закажувањето на термините“, велат од Министерството.
Сезонската имунизација против грип во ЈЗУ Здравствен Дом Скопје , ќе се одвива во шест поликлиники на територија на град Скопје и тоа Ѓорче Петров, Букурешт, Чаир, Бит Пазар, Ченто и поликлиника Јане Сандански.
Измунизацијата ќе биде со упатување од матичен лекар преку „Мој термин“ во период од 14 до 19 часот.