Пристигнаа 40 000 четириваленти вакцини против сезонски грип. Вакцинацијата ќе почне в петок, а СМС пораки ќе почнат да добиваат граѓаните кои се пријавиле на сајтот vakcinacija.mk . Ова е четврта година по ред како обезбедуваме бесплатна вакцинација за хронично болните, граѓаните над 65 – годишна возраст, бремените жени, децата и здравствените работници.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека ставот на Националниот комитет за имунизација е дека нема никаков ризик ако двете вакцини таа за сезонски грип и за Ковид-19 се примат во исто време, а ако не се примат во исто време нема разлика колкaв временски период ќе биде дистанцата меѓу двете вакцинациi.
Вакцините против сезонски грип, појасни министерот, веќе се дистрибуираат со цел да не се мешаат групите граѓани кои доаѓаат за вакцинација за сезонски грип и за Ковид-19.
– Вакцинацијата ќе се спроведува во центрите за јавно здравје и дел од здравствените домови во Скопје каде нема вакцинација за Ковид-19. Може секој граѓанин да се пријави на сајтот vakcinacija.mk и ќе добие СМС порака со ден, време и точно место каде може да дојде да се вакцинира против сезонски грип, рече Филипче.
Освен оваа количина вакцини, потенцира, центрите за јавно здравје набавија 11 000 комерцијални вакцини од кои 4000 се во Скопје.
– Ќе има и теренска вакцинација и тоа во домовите за стари лица, центрите за дијализа, за здравствените работници ќе се организира пункт во Институтот за јавно здравје, а во Скопје каде се очекува и најголем притисок за вакцинација освен во Центарот за јавно здравје од поликлиниките за вакцинација за сезонски грип ќе бидат наменети тие во Ѓорче Петров, Бит Пазар и во Идадија, додаде Филипче.