Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл поздравувајќи го договорот постигнат меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас истакнува дека се отвара патот за членство на Македонија (Република Северна Македонија) во ЕУ и НАТО.
– Договорот постигнат од страна на двајцата премиери на двете соседни држави Грција и Македонија го отвора патот за подобрени и попродуктивни односи и дава суштински придонес за стабилноста во Југоисточна Европа. Преговарачите на двете страни и медијаторот на ОН, заедно со претставниците на ЕУ заслужуваат признание за постигнување на целта. Со договор за името, вратата е отворена сега за Македонија (Република Северна Македонија) да добие полноправно членство за ЕУ и НАТО. Членките на ЕУ и НАТО треба да го поздрават договорот како шанса за продолжување на процесот на проширување кон сите земји од Југоисточна Европа, вели Вајгл.
Според него, сега е клучно договорот да биде поддржан од широко мнозинство на политичките партии и населението од двете држави.