Над 4 часа траеше денешното судско рочиште за настаните од 27 април, на кое обвинителката Вилма Рускоска ги читаше писмените докази. На рочиштето закажано за понеделник 26 ноември требада почне изведувањето на доказите кои се предложени од обвинетите за крвавиот четврток. Предложените сведоци и материјални докази први ќе треба да ги презентираат прво и второобвинетите пратеници Крсто Мукоски и Сашо Василевски.
Следната недела судијката Добрила Кацарска закажа рочишта буквално секој ден од понеделник до петок. Првото рочиште за случајот почна на 22 август. На претходните рочишта беа сослушани 36 сведоци предложени од обвинителството, меѓу кои беа и премиерот Зоран Заев, министри и пратеници. За настанот сведочеа вработени во собраниските служби, обезбедувањето, полицајци, функционери во МВР, новинарка и осуден за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села.
На 28 ноември 2017, или точно пред една година беше големото апсење за настаните од 27 април кога рано наутро во кривичниот суд беа спроведени ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чаков, дел од осомничените пратеници и останатите обвинети. 33 лица се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Предистрагата за организаторите на крвавиот четврток со која е опфатен и азилантот Никола Груевски, сè уште не завршила со јавнообвинителска одлука.
Васко Маглешов