По успешните фестивалски денови во Гевгелија и Кочани, караванот на БАСКЕРФЕСТ се сели во Скопје.
На прес конференцијата која денес се одржа во Веро Центарот организаторите – Град Скопје и „Темов“ ги открија сите детали околу престојниот фестивал. По деветти пат од петок 06.06 па се до 15.06 скопјани ќе имаат можност секојдневно да се забавуваат со над 150 артисти од целиот свет на старата локација која стана заштитен знак за овој фестивал, плоштадот „Македонија“ во центарот на град Скопје. Покрај централната локација, во попладневните и вечерни часови фестивалот ќе се одржува уште на три локации – Веро Центар, Градска Плажа „Парк“ и Пивница „Стар Град“ во Старата Скопска Чаршија.
Програмата секојдневно ќе започнува во 19:00, а за време на викендите во Веро Центар ќе започнува во 12:00.
На градскиот плоштад покрај перформансите на уличните артисти , посетителите ќе имаат можност да уживаат и во World Music стејџот.
Скопје десет дена ќе дише во духот на уличната уметност и позитивните вибрации кои Баскер изведувачите од сите страни на светот ќе ги пренесат во нашиот град. Ваше е само да посетите една од локациите каде што ќе се одржува БАСКЕРФЕСТ 2014 и да доживеете дел од магијата која веќе 9 години во јуни ги анимира скопјани.