Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), во рамките на проектот на УСАИД за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, на 11 јули (петок), во хотелот Бест Вестерн (сала Амбасадор), со почеток во 11.00 часот, организира дебата „Навредата и клеветата – узда за новинарите?“.
Во дискусијата што ќе ја модерира новинарот Саше Димовски, како панелисти ќе учествуваат: адвокатот Филип Медарски, уредничката на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова, уредникот на порталот „Либертас“, Ацо Кабранов и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани.
На дебатата ќе биде презентиран вториот извештај од мониторингот на судските случаи за навреда и клевета, кој го спроведува Центарот за развој на медиуми и кој го опфаќа периодот од 1 март до 15 јуни 2014 година. ЦРМ, континуирано ги следи судските случаи за навреда и клевета во кои се вклучени новинари, уредници и медиуми, а едновремено им обезбедува и правна помош на новинарите.
Имајќи го предвид фактот дека новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета е од исклучително големо значење за слободата на изразување и слободата на медиумите во Република Македонија, дебатата ќе биде фокусирана на тоа како се применува овој закон во судската пракса и какво влијание има врз работата на новинарите и медиумите во државава.