Од политички побуди, Владата по вторпат разрешува директор на институција во изминативе три месеци, а на нивно место назначува нови луѓе кои им ги исполнуваат желбите или јавно ги величат лидерите на политичките партии од каде што доаѓаат. Истовремено, критиките за актуелните директори не допираат до нив, па така наместо одговорност, Владата се решава и за унапредување. За разрешувањата, не ги предомислуваат ниту петициите за поддршка, како и негодувањата на јавноста која е против таквата одлука. Постапките на Владата се спротивни на ветувањата кои ги дадоа пред да дојдат на власт во 2017 година. Тогаш, уверуваа дека директори ќе се избираат според квалификациите и искуството кое го поседуваат а не политичката подобност. Истото го зборуваа и за вработувањата во администрацијата која ветија дека ќе ја намалат бидејќи е превработена.
Новиот директор на Инспекторатот за животна средина жесток критичар на разрешената Петровска и поддржувач на Морачанин
Директорката Ана Петровска е последната од редот на разрешени директори, која менаџираше со инспекторатот за животна средина, а по барање на Маја Морачанин, претседателка на ДОМ. На нејзино место е назначен Сретен Стојковски, кој според неговиот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ е голем поддржувач на неговата лидерка. Постојано споделува нејзини објави, коментира, реобјавува нејзини фотографии и ставови. Додека ја поддржувал Морачанин, ја критикувал Петровска и барал да ја напушти функцијата.
„По изгласана недоверба од партиските органи, политички е опортуно да се напуштат и добиените државните функции“, напишал новиот директор на инспекторатот, Сретен Стојковски на 18 мај, два дена откако Ана Петровска и пратеникот Мирослав Богдановски останаа без партиските функции по барањето за вонреден конгрес.
Критики, без да спомене имиња, а се однесуваат на Петровска и Богдановски, новиот в.д. директор упатил и на 20 март, кога двајцата ги нарекува „наследни Тројански коњи, подржани од бивши структури а се со цел контрола влијанието и финансиите на паријата за лукративни лични цели“.
Стојковски во објавите на социјалната мрежа, нема лош збор за Морачанин и за која вели на 10 јуни напишал: „Добро ќе биде за Македонија доколку има се повеќе вистински лидери со зелена идеологија и вредности“
По скоро еден месец, Стојковски има нова објава во која вели дека Петровска ќе оди во нова партија за да ја задржи директорката позиција.
„По неуспешните обиди за деструкција и дискредитација на ДОМ се очекува пребег на разрешените члениви на ИО, М.Б и Ана Петровска во друга политичка партија заради задржување на позициите во извршната власт“, напишал Сретен Стојковски на 4 јули.
„А1он“ побара став од Петровска за овие објави каде се споменува нејзиното име. Таа за нив вели:„Имате на социјалните мрежи доста материјал за да проверите која линија тој ја застапува и да видите колку го дели политичкиот од професионалниот момент“.
„Самите негови објави, не знам колку детално ги проучивте, тој прво споменуваше некакви ‘Тројански коњи’, дека јас и Мирослав сме ‘Тројански коњи’ во партијата. Чии ‘Тројански коњи’ ако ти имаш една заедничка агенда, тогаш ти треба да се сплотиш и да работиш заеднички, а не да се делиме на вакви и такви. Потоа, тој се заканува со чистка кога вели дека ‘треба да си исчисти секој во својот двор’, има една таква објава. Понатаму повикува ‘ако во партијата не сум била подобна зошто не сум си дала оставка’, а јас го заштитувам јавниот интерес а не партискиот“, вели Петровска.
За вчерашните обвинувања од Морачанин која во изјава за „А1он“ обвини дека за работата на Петровска има многу поплаки, разрешената директорка прашува: „Кој друг зборуваше во јавноста во прилог на она што го кажа Маја Морачанин? Ако имало поплаки од граѓаните, дали некој од граѓаните на социјалните мрежи немаше да истапи и да каже ‘Имаше право Маја Морачанин, оваа жена ништо не сработе во инспекторатот’? Дали имаше таква објава? Дали имаше еден човек вчера што кажа ‘Оваа жена не постапи по пријава, не отиде’?“.
„Нема сомнеж, нема дилема дека сум разрешена од политички причини. И плус мислам дека она што таа се повикува на кампањата ‘Разбистри се’ и тие некакви аналитички податоци за транспарентноста на институцијата која е правена пред јас да бидам именувана, очекувам и би сакала да има реакција од алијансата формирана во рамките на ‘Разбистри се’ и тие да кажат како ја толкуваат злоупотребата на нивната кампања во политички цели од претседателката Морачанин“, рече Петровска.
Нејзе не и е јасно како лидерката на ДОМ не ги гледа фактите.
„Имаме зголемување на казните, јас не разбирам како некој не ги гледа фактите. Од минатата година кога имало 120 наоди, ние имаме речиси 300. Значи над 200 отсто имаме зголемување на наоди. Лани немало ниту една казна во извештајот, ние имаме две кривични и над 40 прекршочни. Бројките зборуваат, видете извештајот и споредете ги неоснованите обвинувања од другата страна“, додава Петровска.
Откако си отиде Пауновски, примени „рамковните“ за кои тој сметаше дека се вишок во „Пазарна“
И ова не е првпат да се разреши директор поради различен став. Пред три месеци, слична судбина доживеа и Стојко Пауновски кој беше тргнат од функцијата откако одби да прими рамковно вработени за немаше потреба во Државниот пазарен инспекторат. Тој и јавно говореше за тоа, а од страна на премиерот Зоран Заев тоа беше категоризирано како „пркос“. За него се собираа петиции, инспекторите одеа во Владата за да го убедуваат премиерот да го повлече предлогот за разрешување. Но, безуспешно. Неколку денови подоцна, беше разрешен. На негово место, беше поставена Анета Симеска-Димоска.
Таа, не се спротивстави и ги вработи „рамковните“ кои Пауновски не ги сакаше со тврдење дека нема што да работат, ниту има кај да работат. Симеска-Димоска за „А1он“ вели дека за нив е најдено и сместување во канцелариите, а според нејзиното кажување, најдени им се и обврски.
„Постапено е согласно законот. Пријавени се тие по К5, постапено е согласно законот, тоа е тоа. Не е ништо дека некој не ги пријавувал, па сега дошол некој да ги пријави. Сместени се. Тие почнаа од овој вторник на работа, примени се на работа. Во моментов се уште се врши сместувањето. Денеска ми јавија дека во Тетово се веќе сместени, како и другите градови. Дадени им се места каде да седнат. Веќе дадени им се работни задачи, се вклопија во работата“, вели директорката.
За разрешениот директор, Симеска-Димоска нема лоши зборови.
„Јас немав поплаки од инспекторите во поглед на работењето. Институцијата функционираше така како што функционираше согласно капацитетите кои ги имаме. Факт е дека ние немаме доволно капацитети од аспект на инспектори и дека тоа ни е слаба страна, бидејќи имаме ситуации каде треба да се справиме со поголема активност на терен. Меѓутоа се трудиме да ги надминеме тие работи. Со таков капацитет работел и господинот Стојко. Тој ги надминувал тие работи, се организираме согласно потребите и барањата. Тоа се тековни работи со кои секој раководител се справува. Јас продолжив таму каде што застана господинот Стојко. Нормално дека секој директор си има свој начин на функционирање. Во глобала не е ништо драстично сменето, само продолжуваме таму каде е застанато“, вели таа за „А1он“.
Новата директорка на Пазарната инспекција, Симеска-Димоска на прашањето дали Стојко Пауновски беше разрешен поради нечија политичка волја, а не според тоа што не постапил да ги вработи, вели: „Не би сакала да коментирам зошто е разрешен. Не можам да коментирам одлуки на Владата, друг одлучувал не јас“
На прашањето дали Пауновски требаше да остане на чело на инспекторатот, новата директорка вели: „Како можам да кажам да кажам дали требало да остане или не? Тие што го назначуваат како директор, тие имаат право и да го разрешат. Моето мислење е небитно во процедурата, јас не сум се прашувала за да одлучувам. Јас бев вработена тука, а како директор ја имаше мојата поддршка“.
Ангелов додека трпи наголеми критики унапреден од в.д. директор во директор
Директорот на Центарот за управување со кризи трпи најмногу критики поради справувањето со пожарите. Јавноста која е гневна што пожарите се присутни насекаде, побара одговорност од него бидејќи смета дека тој потрфлил. Од друга страна, се коментира дека тој повеќе се фотографира, дава изјави, објавува статуси отколку што ја менаџира ситуацијата со пожарите.
Наспроти сите овие негативни критики на негова сметка, тој вчера од в.д. директор е назначен за директор на Центарот за управување со кризи. Ова официјализирање на неговата функција во ЦУК. Владата му наложи да си назначи и лице за односи со јавност, за кое тој во изјава за „А1он“ кажа дека го има, но нема информации колку него кој е на терен. И натаму, Ангелов ќе држи пресови, а информира и преку статуси на социјални мрежи.