Обвинет во издвоена постапка за несреќата кај Ласкарци кон средината на октомври призна вина пред судот и доби условна казна затвор од 2 години ако во наредните 5 не го повтори делото како и забрана за работа од пет години.
Судијката Славица Андреевска го осуди гостиварецот со иницијали В. Г. за несовесно работење, бидеќи, иако знаел дека дека има вграден уред за лажирање на брзината во автобусот на „Дурмо Турс“, издал потврда за извршена проверка.
Во образложението на пресудата пишува: „И покрај тоа што пломбата која го спречува неовластеното отварање на куќиштето на тахографскиот уред била оштетена и постоел вграден уред за манипулација на реалната брзина која ја бележи тахографот, обвинетиот издал потврда дека проверката е извршена“. Обвинетиот пополнил налепница, со што потврдил дека тахографот е исправен и одговара на пропишаните барања.
В. Г. му овозможил на „Дурмо турс“ и на одговорното лице, Дурмиш Белули, да поседуваат доказ за исправноста на тахографот во автобусот за да може да учествува во сообраќајот на јавните патишта, а притоа возачите кои го управувале автобусот да избегнуваат казни за сообраќајни прекршоци предвидени во член 38 од „Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, поради пречекорување на дозволената брзина на движење на автобусот“.
Обвинетиот бил одговорен во фирмата, која е инспекциско тело со посебно овластување за вршење работи на инсталирање, проверки, контрола, поправка на аналогни тахографи и сертификат за акредитација.
„Обвинетиот делото го сторил на 05.01.2018 година, што укажува за безобѕирноста и начинот на кој функционирал превозникот „Дурмо турс“ и „Автомото Здружението Гостивар“. Не само што сами на себе дефакто си вршеле контрола на исправноста на превозните средства – автобусите, туку имале и овластување и тахографските уреди во автобусите кои сами ги манипулирале, истите врз основа на ова решение да ги оценат дали се исправни или не. Меѓутоа, и покрај тоа што оваа работа заради која што сега одговара обвинетиот, можеле сами да ја завршат, му ја доделиле на обвинетиот, тој да ја заврши и да ја „аминува“ исправноста на тахографскиот уред“ пишува во пресудата.
Обвинителот на рочиштето рекол дека причината поради која обвинетиот го аминувал таквото дејствие не се 2.500 денари колку што наплатил, туку ситуацијата во која што бил доведен – земи или остави.
„Доколку не го направел тоа, поради позицијата на евидентна и нескриена моќ на подрачјето на Општина Гостивар од страна на битни лица поврзани со превозникот Дурмо турс и „Автомото Здружението Гостивар“, ќе се соочел со последица неговата работилница да биде затворена, а работата секако сами ќе можеле да ја завршат, затоа што веќе стекнале овластување да потврдуваат дека се исправни манипулираните тахографски уреди“, пишува во образложението.
Адвокатот на обвинетиот, пак, навел дека најголема казна за неговиот клиент не е тоа што се наоѓа во судница, туку тоа што секојдневно треба да се соочува со своите сограѓани и семејствата на загинатите и повредените кои што имаат трајни последици.
Во сообраќајната несреќа кај Ласкарци, загинаа 16 лица, а над 30 беа повредени. За овој настан кој ја вознемири и шокираше јавноста се води засебен судски процес.