Уште една недела до првиот круг од претседателските избори

Од:

Eдна недела пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори, двајцата кандидати, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска – Давкова, одржаа централни митинзи во Скопје.

Силјановска – Давкова во саботата од пред Владата, а Пендаровски вчера од пред ЕУ Инфо центарот, ги упатија пораките до гласачите.

На Македонија ѝ се потребни радикални демократски реформи, порача кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, а нејзиниот ривал поддржан од СДСМ – дека само еден е патот кон прогрес, а води преку ЕУ и НАТО.

-На Македонија ѝ се потребни радикални демократски реформи за да не остане закопана во транзицијата и да не направи ниту еден чекор кон демократска консолидација, рече Силјановска, обвинувајќи ја Владата дека наместо подобар живот, реформи, демократија, владеење на правото, борба со корупција и криминал, битка со непотизам и европеизација, досега, во 2,5-годишното владеење, единствено го променила името на државата.

Според неа, Владата не е европска, ниту реформска.

-Македонија е потоната во отсуство на владеење на правото, правдата е селективна, ја стига само опозицијата, а никако да допре некого од власта, дополни Силјановска-Давкова.

Пендаровски уште еднаш повтори дека немаме повеќе генерации за губење и затоа не треба да и се дозволи на опозицијата да не врати од патот по кој чекориме.

-Имаме неповторлива можност како генерација да оставиме трајно наследство зад нас. Обезбедена и сигурна држава, партнер на демократскиот свет, рамноправен дел од најзначајните светски сојузи. Оние кои мислат дека без НАТО и ЕУ можеме да ги решиме децениските проблеми со иселувањето, од социјалната сфера, дека може да ја обезбедиме сигурноста и стабилноста, се лажат. На сите што сакаат да не вратат назад мора да им порачаме дека не само што нема да се враќаме назад, туку сите заедно ќе одиме напред, истакна Пендаровски.

И оваа недела тројцата претседателски кандидати ги продолжуваат митинзите и средбите со граѓаните. Кампањата ќе трае до 19 април, по што следува 24-часовен изборен молк, пред денот на гласањето.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

Ова се првите избори по стапување во сила на Преспанскиот договор, со кој е решен спорот за името помеѓу Македонија и Грција и земјата го доби името Република Северна Македонија.

На 21 април во земјава покрај претседателските избори ќе се одржат и предвремени избори за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар.

Би можело да ве интересира

Аргентинската опозициска партија победи на изборите во Буенос Аирес

Шест кандидати на AfD починаа пред германските избори

Предвремени избори за претседател на Република Српска на 23 ноември

Горан Наумовски

Кандидатите на претстојните локални избори ќе можат да се рекламираат на 329 медиуми во државата

На овие избори во најголемиот дел работите ќе се решат уште во првиот круг, вели Мицкоски

Горан Наумовски

Демократска партија на Турците на Македонија на локалните избори ќе настапи самостојно