Потврдена е незаконитоста на отказите на 5 новинари кои беа отпуштени од Утрински весник во јуни 2011.
Управниот суд на Република Македонија оцени дека управните органи: трудовата инспекција и второстепената комисија, правилно го примениле материјалното право кога на работодавачот Издаваштво Круг ДООЕЛ (дел од Медија Принт Македонија) му наложиле веднаш да ги поништи одлуките за прекин на работен однос без отказен рок на: Катица Чангова, Биљана Јовановска, Оливера Војновска, Фарко Шакири и Тамара Грнчаровска.
Тужбата на МПМ против наодот на трудовата инспекција и второстепената комисија Управниот суд ја отфрли како неоснована. На оваа одлука странката има право на жалба пред Вишиот Управен суд , по што, доколку не биде оспорена ќе стане правосилна.
Ваквата одлука секако ќе биде аргумент повеќе во граѓанските парници што новинарите ги водат против некогашниот работодавач затоа што се потврдува дека нивниот отказ е спротивен на Законот за работни односи, велат од новинарскиот синдикат.
Петте новинари беа експресно избркани, без отказен рок и со забрана за влез во редакцијата, по демонстрираното незадоволство од одлуката за намалување на бројот на вработените во Утрински весник во јуни 2011.