Украинскиот град Ужгород е отворен за соработка и подготвен за склучување спогодба за збратимување со градот Гевгелија. Ова се наведува во пораката од градоначалникот на Ужгород, Богдан Андреев, која до општина Гевгелија беше испратена преку украинската амбасадорка Наталија Задорожњак.
Градот Ужгород е збратимен со дваесетина градови од светот и како резултат на таквата соработка успеал да почне и да реализира многу заеднички меѓународни проекти во областа на образованието, науката, заштеда на енергија, медицината и заштита на животната средина.
Најавено е дека претставници на Ужгородскиот градски совет ќе ја посетат Гевгелија во првата половина на јуни кога се очекува да биде потпишана и спогодбата за соработка и збратимување меѓу двата града.