Најголем дел од младите не би прифатиле работа без договор за вработување и знаат дека за да работат мора да бидат пријавени, но не се информирани за агенциите за привремено вработување и не се запознаени со Законот за работни односи, покажува анкетата на министерствата за труд и социјана политика и за образование и наука.
Во анкетата се опфатени 14.080 ученици од трета и четврта година од средните стручни училишта од цела држава во рамки на проектот „Одбиј работа на црно!“.
Имплементацијата на проектот, како што најавија денеска на прес-конференција, министрите
– Младите можат да ја препознаат сивата економија. Тие не би работеле на црно, бидејќи според нив тоа е несигурна работа и не е во согласност со законот. Свесни се и дека ако работат на црно нема да ги поседуваат сите права загарантирани со закон, подвлече Ристовски.
Тој смета дека со запознавањето на младите со основните права и обврски од работен однос, условите и начинот за засновање работен однос ќе влијае кај младите при нивното вклучување на пазарот на трудот и превентивно ќе делува да се намали бројот на млади ангажирани во сивата економија.
Министерот Кралев информира дека освен на учениците направени се обуки и кај наставниците и професорите, кои ќе продолжат да ги едуцираат и идните генерации.
– Со обуките им покажуваме на младите дека при вработување во нивен интерес е да бидат уредно пријавени, дека платата не е поважна од пријавувањето, односно во спротивно, најмногу губи работникот, а на негова сметка заштедуваат работодавачите. Преку проектот учениците се запознаваат со опасностите со кои ќе се соочат доколку во иднина некој им понуди работа на црно и ќе знаат кои се нивните права при вработувањето, додаде Кралев.
Најважно од се, според него, е да се охрабрат при вработувањето да побараат од работодавачот да бидат уредно пријавени и да бидат дел од легалната работна сила во земјава. Со тоа ќе добијат право на здравствено и пензиско осигурување, годишен одмор и редовна плата.
Проектот „Одбиј работа на црно!“ го спроведуваат министерствата за труд и социјана политика и за образование и наука Агенцијата за вработување на Република Македонија и Националната федерација на агенции за привремени вработувања. Со него беа опфатени 93 средни училишта од четири региони, Скопје, Битола Штип и Струмица.