Полициски единици во два часот по полноќ интервенираа и со сила ги отстранија паркобраните од пред Бристол, кои престојуваа во паркот во знак на револт поради сечата на дрвјата и во обид да спречат натамошно деградирање на просторот со изградба на уште една административна зграда.
Десетмината млади беа уапсени од алфите кои со возила ги однесоа во полициската станица. Меѓу приведените е и Саша Богдановиќ, директор на „Паркинзи – Центар“. Веднаш после нив стигнаа стотина припадници на специјалните единици, кои почнаа со уништувањето на поставените шатори, а почна и да се оградува просторот каде власта има предвидено да се гради обејктот на Советот за радиодифузија во барок стил.
Полициски сили освен пред Бристол, беа распоредени и по другите улици низ центарот на Скопје, како и од сите страни на Републичкото собрание. Полицијата не дозволи снимање и на екипата на А1 он и го одзеде апаратот, но по легитимирањето го врати, со напомена дека е забрането да се слика и снима. Дел од полицајците потврдија дека се повеќе од двесте на број, и дека се донесени од другите градови поради ангажираност на припадниците на полицијата од Скопје.
Еден од нив за А1он кажа и дека не знае зашто е донесен во Скопје ниту пак што се случува, посебно по интервенцијата на стотина полицајци против десетмина млади жители на Скопје.
Отстранувањето на паркобраните ги разгневи и жителите на Центар кои живеат во зградите во близината на хотел Бристол поради големата бучава. Еден граѓанин излезе на балкон и почна да вика по полицијата: „Ало криминалци, идете и затворете ги тие во власта. Преку ден не не’ оставате да живееме, а ноќе сакате и во сон да ни влезете. Засрамете се“ – извика тој.
Петар Клинчарски