Игор Југ, еден од толпата која на „крвавиот“ 27-ми април насилно упадна во прес-салата на Собранието и каде беа претепани и нападнати пратеници и новинари, е уапсен.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска го привела лицето И.Ј. (47) од Куманово, за учество во настаните што се случија на 27 април во Собранието на Република Македонија.
– На 21 септември 2017 година од страна на овластени службени лица при Секторот за внатрешни работи Куманово по претходна наредба од 16 мај 2017 година на Основно Јавно Обвинителство Скопје во врска со настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија е приведено лицето И.Ј. (47) од Куманово поради основано сомневање за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ казниво по чл.384 ст.1 од КЗ на РМ, се вели во соопштението од МВР.
Од полицијата информираат дека за ова лице постои централен распис од СВР Скопје-Оддел за насилен криминал за основано сомневање за сторено кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ казниво по чл.385 од КЗ на Република Македонија, како и локален распис од СВР Скопје-НККР Бит Пазар година за основано сомневање за сторено КД „Разбојништво“ казниво по чл. 237 од КЗ на РМ.
Српскиот разузнавач и офицер на Безбедносно-информативната агенција Горан Живаљевиќ, претходно изјави дека кумановецот Игор Југ најверојатно поседувал оружје и имал задача да го ликвидира Зоран Заев при упадот во Собранието.
Игор Југ, за кого Живаљевиќ наведува дека е поддржувач на Хрватските ослободителни сили (ХОС) и член на едно од патриотските здруженија кои се формираа во периодот пред да случи нападот врз пратениците и врз сегашниот премиер Зоран Заев, веднаш реагираше и преку социјалните мрежи ја демантираше изјавата на српскиот разузнавач. Југ смета дека Живаљевиќ со ваквите изјави само се обидува да го испере своето нелегално присуство во македонскиот парламент.
„Деновиве сум главна вест во сите медиуми како човекот што требаше да го убие Заев, па затоа сакам на Живаљевиќ да му поставам неколку прашања. Ако сум сакал да убијам некого, тогаш зошто не сум убил? Кој можеше да ме спречи? Можев со раце да удавам некој ако сакав. И ако сум професионален убиец, тогаш зошто не носев маска? Човек со повеќе од 100 килограми, со долга брада, тетовирани раце и во маица со ХОС бев само јас, а тоа значи дека секој мој чекор беше будно следен“, напиша Југ.
Тој вели дека никој не би најмил професионален убиец што така облечен ќе влезе во парламентот и ќе убие претседател на политичка партија.
„Јас ли треба да бидам жртвено јагне во оваа ситуација? Треба да бидам ретардирано жртвено јагне со уште поретардирани налогодавци? Јас не сум ниту платен убиец, а не сум ни ретардиран. Исто така, не е ретардирана ниту јавноста на која ѝ се пласираат овие невистини. Зар некој за убиство ќе најми човек што сите го познаваат и кој е како појава толку маркантен, а притоа воопшто нема биографија на платен убиец? Јас имам 47 години и ќе се чуеше ако досега сум убил некого“, напиша Југ.