Во Берово при крај се градежните активности во врска со проектот за обезбедување чиста вода за пиење во туристичката населба Беровско езеро. Проектот кој е кофинансиран преку Интерег-ИПА, Бугарија-Македонија предвидуваше изградба на водоснабдителен систем за вода при што за реализацијата на оваа активност општина Берово имаше на располагање 291.596 евра.
Како што истакна проектниот менаџер Новица Печински, овие средства беа наменети за изградба на потребната инфраструктура потребна за реализација на ваков крупен зафат.
– Во рамки на проектот веќе се изградија пумпна станица, потисен цевковод, фабрика за преработка на вода за пиење и резервоар. Според развојните планови во склад на реалноста и можностите за реализација на објекти во населбата, овој водоснабдителен систем може да одговори на потребите на 1.000 жители, рече Печински.
Според него со пуштањето во употреба на овој објект најголема придобивка ќе имаат туристичките работници.
– Во крајна сметка крајни корисници ќе бидат самите туристи кои ја посетуваат туристичката населба со што искрено се надевам дека со подобрените услови нивниот број ќе се зголеми. Изградбата на системот за водоснадбување во туристичката населба Беровско езеро ќе помогне и за зачувување на езерото и одржливо искористување на водните ресурси. Со овој зафат конечно се решава долгогодишниот проблем со чиста вода за пиење кој е проблем пред се од хуман, економски, но и од туристички и развоен карактер, додава Печински.
Вкупната вредност на проектот „Градење инфраструктура за одржлив развој на туризмот“ е 498.052 евра, средства од 206.456 евра ќе бидат искористени за реконструкција на градскиот парк во општина Сандански, Република Бугарија која е партнерска општина на овој проект.