Eдинственото решение кое што ни останува е да се направи внатрешна реорганизација во судството и јавното обвинителство, затоа што во нашата држава има судови и јавни обвинителства коишто се преоптоварени и има судови и јавни обвинителства коишто практично имаат судии и обвинители коишто работат и под норма. Во таа насока, значи, тоа е единственото решение во моментот кое што би можело да има практичен контекст затоа што на крајот на краиштата неприфатениот предлог ќе има одредени правни импликации, меѓутоа практично со една нова внатрешна организација, делегирање на судии и јавни обвинители во судовите каде што нема доволен број би можеле ако не друго барем приближно да го надоместиме она што ќе ни недостасува, изјави министерот за правда Никола Тупанчевски денеска во Струмица.
-Да не заборавиме дека до крајот на годината ќе имаме 59 нови академци коишто ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители и на секој начин тоа ќе значи некој тип на инфузија на судството и јавното обвинителство. Да не заборавиме дека има уште 96-97 нови кандидати коишто за година и половина, односно за две години повторно ќе бидат интегрален дел од македонското судство и обвинителство, така што ако ги земеме тие 97 и овие 50, значи околу 150 луѓе ќе претставува надополнување или ајде да речам освежување на судско обвинителскиот систем во нашата држава – додаде Тупанчевски.