Интервју со претседателот на Општинската организација на СДСМ Охрид, д-р Томислав Тунтев за sdsm.org.mk
Кои се вашите приоритети во раководењето на Општинската организација на СДСМ?
Тунтев: Приоритетите во раководењето на Општинската организација на СДСМ Охрид во овој момент се:
– подигнување на нискиот рејтинг и враќање на разнишаниот углед на СДСМ во Охрид меѓу граѓаните, со личен пример и делување на членовите на највисокото општинско партиско раководство;
– разбивање на летаргијата, разочараноста и индиферентноста на поголемиот дел од членството на СДСМ во Охрид, кои сеуште се под силно влијание на последиците од тешкиот пораз на последните локални избори;
– консолидирање на единството во партиските редови
– реализација на низа проекти, мерки и активности за враќање на довербата во СДСМ кај граѓаните на Охрид, за да можат повторно да ја препознаат и прифатат како единствена политичка алтернатива за подобра иднина;
– промоција на социјалдемократските вредности, стратешките цели и определби на СДСМ насекаде, користејќи ја секоја можност за јавен настап или меѓусебна комуникација на функционерите, членовите, активистите и симпатизерите на СДСМ во јавноста, со граѓаните на Охрид;
– изнаоѓање на соодветни решенија за финансирање на партиските активности во наредниот период, за непречено функционирање на Општинската организација на СДСМ Охрид, која моментално се наоѓа во крајно незавидна ситуација од тој аспект.
Кои ќе бидат вашите први активности по изборот за претседател на Општинската организација?
Тунтев: Првите активности по изборот за претседател на Општинската организација на СДСМ Охрид:
– избор на тим од најблиски соработници, како членови на Извршниот одбор на Општинската организација на СДСМ Охрид, кои треба да исполнуваат и задоволуваат високи персонални критериуми, во согласност со дефинираните статутарни определби;
– решавање на проблемите со партиски простории, регулирање на неплатените сметки за струја, вода и останатите долгови за режиски трошоци;
– организирање на Општинска Конференција за усвојување на листата на кандидати за членови на ИО на ОО на СДСМ Охрид;
– организирање на состаноци со членовите на месните одбори, водење разговори со истакнати и видни наши сегашни и поранешни членови и подготовки за спроведување на постапка за избор на нови луѓе и раководства по месните одбори.
Кој проблем според вас е најгорлив проблем во вашата општина и како би го решиле?
Тунтев: Најгорливите проблеми во Охрид во овој момент се поврзани со сериозното загрозувањето на природното, историското и културното наследство во градот од страна на власта, поради промовирање или преземање на следните конкретни активности:
– одвивање на градежни инвестициски работи и зафати на Плаошник, најсветото место во градот и за Христијаните и за Муслиманите, за изградба на сосема непотребни масивни објекти од цврста градба, кои сериозно ги нарушуваат вековните традиционални историски и културни вредности на тоа место и го доведуваат во прашање статусот на Охрид како заштитена светска локација од УНЕСКО поради историското наследство;
– изработка на планови, проекти, цртежи и конкретни подготвителни активности за изградба на мегаломански хотелско-туристички објекти и содржини кај с. Љубаништа, односно во атарот на црковниот имот на МПЦ кај манастирскииот комплекс Св. Наум, со што сериозно би можела да биде загрозена животната средина од сите аспекти, а со тоа и статусот на Охридското Езеро како заштитена светска локација од УНЕСКО поради природното наследство;
– објавување на меѓународен повик за изразување намера за изградба на аеродром на вода во Охридското Езеро, што претставува уникатен пример за сосема непотребна, небулозна, економски и сообраќајно неоправдана и штетна инвестиција, која може да има несогледиви трајни штетни последици по Охридското Езеро од аспект на еколошките стандари.
Во однос на решавањето на наведените горливи проблеми, доколку би имал таква можност, би презел итно и неодложно стопирање на сите тековни активности во врска со реализацијата на трите наведени проекти и би побарал нивна целосна стручна ревизија и редефинирање на приоритетите од аспект на комплетна заштита на нашето природно, историско и културно наследство.