Во текот на вчерашниот ден „Граѓаните за Македонија“ на посетителите на кампот на слободата им понуди богата програма исполнета со трибини, предавања и изложби посветени на теми од областа на социјалната правда.
На трибината насловена „Социјално претприемништво – можност за вработување на тешко вработливи лица” со свои излагања настапија Ана Филиповска – специјалист по социјална економоија (теорија и концепти); Сократ Манчев – претприемач, и Александар Колекески од Македонскиот центар за европско образование – специјалист по ЕУ фондови.
Попладнето пак, се одржа и протестен полумаратон на кој под мотото „Маратонците за социјална правда“, стотина вљубеници во спортот заедно истрчаа 21 километар.
За теми од областа на социјалната правда говореа уметницата Дороти Пачкова, активистката Луљета Адеми и политичарката Мила Царовска. На трибината, во својот говор, Мила Царовска се осврна на одземената слобода на граѓаните во последните години.
„Мислам дека бевме доволно љубезни и трпеливи, сега сме гласни и активни и заедно движиме до слободата и промената која сакаме да ја видиме“ – потенцираше таа.
Царовска, исто така истакна дека во времето на Груевски, дури на половина од примателите на социјална помош, таа им била ускратена и одземена. „Социјална правда за сите, а не луксузни права за поединци од власта“ – истакна Царовска.
Веднаш по завршувањето на оваа трибина, се одржа изложбата „Сите бои на слободата“ која воедно беше и финале од ликовната работилница организирана од невладината организација Цивил. На изложбата, со свои слики учествуваа повеќе граѓани но и професионални уметници, а посетителите во кампот на слободата имаа можност да видат повеќе уметнички дела.
Кон крајот на денот пак, граѓаните пред Владата на РМ имаа можност да уживаат во музичкиот избор на Петре Шилегов и Атанас Бојчев кои во улога на диџеи се погрижија да ја одржат пријатната атмосфера во кампот пред Владата.
Инаку, широката граѓанска и натпартиска коалиција „Граѓаните за Македонија“ веќе десетти ден кампува пред Владата на Република Македонија барајќи оставка од актуелната влада на чело со Никола Груевски.