Зелената партија ДОМ вчера во Штип одржа трибина на тема, Иднината е зелена. Пред присутните се обратија Мартин Каровски, Емил Крстески, Ана Петровска, Лилјана Поповска, Мирослав Богдановски, Љупчо Јаневски и лидерката на ДОМ, Маја Морачанин.
Учесниците ги поздрави градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
Говорниците се осврнаа на донесениот Закон за урбано зеленило, одземањето на концесиите на рудниците Казандол и Иловица, измените на Законот за минерални суровини со забрана за отворање рудници од отворен коп со цијаниди и сулфурна киселина. Присутните беа информирани за тековните активности на пратеничките од ДОМ, за предложените измени на Изборниот Законик со една изборна единица, отворени листи и 50 проценти жени на листите, како и за забрана на увоз на отпад како енергенс. На трибината се истакна големата поддршка за ДОМ и за евроинтеграциските процеси на Македонија од страна на Европските зелени. ДОМ ќе биде домаќин на следниот Совет на Европската зелена партија, во јуни 2020 година, во Скопје.
Приоритет за ДОМ во следниот период е борбата со загадувањето на животната средина и климатските промени, борбата со корупција, со акцент на корупцијата во екологијата, како и унапредување на човековите права и еднакви можности за сите.