„Трето полувреме“ прикажан во Њујорк

Од:

Филмот „Трето полувреме“ на режисерот Дарко Митревски, македонскиот кандидат за номинација за Оскар, вчера беше премиерно прикажан во Њујорк. Пред стотина уметници, дипломати и други гости, филмот беше прикажан во киносалата на Трибека Гранд хотелот,м во центарот на областа на Њујорк во која се одржува познатиот Трибека филмски фестивал.

– Оваа е само една од низата проекции кои ги организираме додека тече оскаровската кампања за овој филм. Убаво е да се биде тука, најубаво е да си провериш дали емоциите кои функционираат пред домашната публика работат и пред странската публика. Ова е трета по ред американска проекција и ми дава за право да заклучам дека не само што реагираат, туку реагираат и погласно. Сето тоа што „Трето полувреме“ сака да го пренесе како порака и да го раскаже, допира до овие луѓе, изјави Митревски, кој додаде дека следниот чекор за филмот е промоција во киносалите низ Соединетите Држави.

Ѕвезда на вечерта беше Катарина Ивановска, која ја толкува улогата на

Ребека Коен. – Јас го имам гледано филмот повеќепати, ова е петти пат, и морам да признаам дека немам толку трема, но имаше многу публика, мои пријатели, и се плашев како ќе реагираат. Но, на крај си заминаа со насмевка и мислам дека им се допадна многу филмот, изјави Ивановска.

Проекцијата, која воедно беше и хуманитарен настан за собирање помош

за жртвите на ураганот Сенди кој го поплави Њујорк, ја отвори Срѓан Керим кој за „Трето полувреме“ рече дека филмот е потсетник на потребата да се бориме против злото во луѓето.

Дарко Митревски на крајот на проекцијата на филмот, кој беше награден со бурен аплауз, објасни како дошол до идејата за „Трето полувреме“, работејќи на документарна серија за македонскиот фудбал. Пред гледачите, тој зборуваше за својата средба со Нета Коен, врз која е заснован ликот на Ребека Коен од филмот. Тој истакна дека филмот бил направен во соработка со фондацијата Шоа, основана од Стивен Спилберг, која собира видеозаписи од жртвите на холокаустот, меѓу кои снимиле разговор и со Нета Коен.

– Поминав два часа во нејзиниот дом, и Нета Коен ми ја раскажа нејзината приказна. Како се заљубила со сиромашен христијанин – фудбалер, како татко и не ја одобрил нејзината љубов и како побегнала со него. Семејството се откажало од неа, што на крајот и го спасило и животот, бидејќи не била на списоците за депортација. На крајот ми покажа црно-бели фотографии, браќата, сестрите, роднините, сите исчезнати во гасните комори во Треблинка. Тоа беше многу емотивна средба, Нета плачеше, ги гушкаше сликите. Единствената фотографија во боја што ми ја покажа беше од нејзините синови, внуци, снаите, големо семејство, и се сврте да каже, погледнете што направив, преку мене, мојата крвна рода се спаси, раскажа режисерот Митревски.

 

Би можело да ве интересира

Кинотеката ќе прикаже три филма со Марлон Брандо по повод еден век од неговото раѓање

Култниот филм со Ричард Гир ќе добие римејк, а познато е кој ќе го замени познатиот актер

Предраг Петровиќ

Обвиненијата за канибализам и силување ја уништија кариерата на познатиот актер

Предраг Петровиќ

Двоен „Златен був“ за „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами на 14. Филозофски филмски фестивал

Кинотека во рамки на проектот Сезона на филмски класици ќе го реставрира Мис Стон

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Кевин Костнер заплака во Кан: „Жал ми е…“

Предраг Петровиќ