Трета вечер на „Охридско лето“: Музицирање на чаши

Од:

На третиот фестивалски ден на „Охридско лето“ ќе се одржи концерт на уметници кои музицираат на инструменти што не се слушнати во Македонија и и во регионот.

Уметниците Ана и Аркадиус Сафранек од „Глас дуо“ во рамки на полската вечер на „Охридско лето“ за првпат ќе музицираат на чаши што произведуваат тонови на цели пет октави.

– Се уште во сеќавањата на посетителите е концертот на виола-органистот Славомир Зубжицки на инструментот виола/оргули направен по скица на Леонардо да Винчи, стара повеќе од 500 години. Вечерва ќе имаме уникатна можност да слушнеме како на чаши ќе прозвучат делата на Е. Григ, К. Шимановски, Ј. С. Бах, П. И. Чајковски, А. Дворжак, А. Пјацола, Г. М. Т. Самнер – Стинг и А. Сафраниек, вели музичкиот селектор Гордана Јосифова-Неделковска најавувајќи го концертот.

Учесник на вечерашниот концерт е и познатиот полски пијанист Мариан Собула кој ќе го изведе прекрасниот концерт за пијано од Ф. Шопен. Собула кого го вбројуваат меѓу најталентираните пијанисти на својата генерација, ќе настапи заедно со камерениот оркестар „Македонски виртуози“, под диригентска управа на врвниот полски и светски диригент Јацек Рогала.

Што се однесува до вечерашната програма, Рогала вели дека музички таа е многу лесна за посетителите, а тешка за изведувачите, истовремено изразувајќи задоволство што работи со гудачки оркестар со членови кои иако се млади, се полни со ентузијазам и затоа вложуваат повеќе работа и труд при подготовката на концертите.

Концертот е поддржан од Еуростандард банка, Полската амбасада во Македонија и Почесниот конзулат на Република Полска во Охрид.

Полската вечер на „Охридско лето“ ќе се одржи на сцената на катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот.

Би можело да ве интересира

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ