„Предлог-Законот за родова еднаквост и Стратегијата за родова еднаквост директно ги таргетираат нашите деца, а цел не се само учениците од погорните одделенија туку и помалите учениции и децата од градинките“, тврдат од Коалицијата за заштита на децата.
Според нив менувањето на учебниците не е е случајно туку со умисла затоа што државата сака да го смени образовниот кодекс и на децата да им се сервираат нови „вредности“, кои преку образовните механизми се стремат да им ги вградат во нивните глави. Не станува збор само за изучување на „родовите идентитети“ како општа лекција, туку за промоција и насочување на децата да го прифатат таквото култно верување.
Претходно Коалицијата јавно објави дека предлог-законот за родова еднаквост вметнува нова категорија на „жени“, односно мажи коишто се себеидентификуваат како жени, во рамките на женските права.
„Во оваа објава разобличуваме и уште една фарса што ја приреди министерот Тренчевска, а тоа е дека со овој закон не се опфатени децата.
Да потсетиме дека во самиот предлог-закон најпрво стоеше дефиниција (член 4, точка 6), која гласеше: „Жени, мажи и лицата со разновидни родови иденетитети“ ги опфаќа и лицата до 18 годишна возраст“, но поради жестоките реакции на народот, министерот Тренчевска беше принудена да ја отстрани таа дефиниција. Сепак, и покрај тоа што новата драфт верзија беше пратена до некои општински советници за време на дебатите што се одржаа пред неколку месеци, истата ден денеска не е прикачена на ЕНЕР“, велат оттаму.
Според стратегијата за родова еднаквост за периодот од 2022 до 2027 година кој се наоѓа на вебсајтот на Министерството за труд и социјална политика, односно на страна 36 под Специфична цел 3.2: Сузбивање на родовите стереотипи и сексизмот и промовирање еднаквост, меѓу другото стои следново:
„Да се креираат нови содржини во наставните програми, учебници и дидактички материјали што се родово сензитивни и кои промовираат позитивни гледишта кон родот и родовите идентитети со интерсекциски пристап.
Децата започнуваат да учат за родова еднаквост, толеранција и недискриминација уште од најрана возраст преку воведени содржини за промоција на родова еднаквост и култура за ненасилство во градинките и во училиштата“.
Здружението смета дека со не само што преку лаги и манипулации се одземаат родителските права за избор на образование за своите деца, туку и без согласност и против волјата и светогледот на родителите, се врши репрограмирање на детската перцепција и свест.
„Бараме од министерката Тренчевска итна оставка поради сите јавни лаги и манипулации на целиот народ во Македонија и поради тоа што си зела за право да си игра со нашите деца како ќе ѝ текне. Доколку не преземе соодветни дејствија за да се симне од тронот на којшто се качила и мисли дека сè ѝ е дозволено, тек тогаш ќе види што значи силата на родителската љубов кон своите деца. Тоа е едно нешто што со сигурност ѝ го ветуваме!“, порачаа од Коалицијата за заштита на децата.