Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор не отстапува од намерата да ја изгради планираната зграда на последната слободна парцела меѓу веќе изградените згради во Реонски центар Аеродром. Граѓаните бараат државата да се откаже од градба и слободната парцела да биде паркинг но од акционерското друштво укажуваат дека тоа не им е исплатливо.
„Доколку не се пристапи кон градба на споменатиот станбен објект, согласно утврдените рокови во споменатото одобрение, друштвото ќе се соочи со претрпување на значителна финансиска штета“, изјави за „Макфакс“ Кристијан Трајковски, директор на Акционерското друштво.
Тој нагласува дека изградбата на станбениот објект во Реонски центар Аеродром, Општина Аеродром каде како инвеститор се јавува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката, е согласно правосилното одобрение за градење Бр.уп.1-18-130 од 09.11.2016 издадено од Општина Аеродром согласно важечките прописи на постоечкиот Детален урбанистички план (донесен јуни 2009 година со тех.бр. 1474/06).
„Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката, почитувајки ги сите важечки законски прописи, отпочна изградба на станбен објект кој е дел од низата на околни објекти кои се претходно изградени од наша страна, а согласно важечкиот Детален урбанистички план и сите законски прописи кои произлегуваат од Законот за градење. “, вели директорот Трајковски.
Акционерското друштво веќе утврдило и цена на квадратен метар за продажба на становите во зградат која допрва треба да се изгради.
„За споменатата локација, заинтересираните граѓани становите можат да ги откупат по цена од 795 евра плус ДДВ за квадратен метар, плус предвидената цена за гаражно место кое е задолжително при откупот на секоја станбена единица“, објаснува директорот Трајковски.
Градилиштето за оваа зграда беше оградено во март година кога жителите од околните објекти уште еднаш ги активираа старите барање – на парцелата да не се гради зграда туку да се изгради паркинг. Се надеваа дека државата како сопственик на акционерското друштво и Општината ќе најдат решение за да се постапи по барањата на граѓаните. Претставници на граѓаните имаа неколку средби со претставници од Општината и од Акционерското друштво, но и покрај тоа вчера, по осум месеци прекин, изградбата на зградата продолжи.
Маја Илиевска-Пачемска