Пратеничката Бети Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница за пратенички прашања постави три прашања од областа на образованието, едно до премиерот Димитар Ковачевски и две до министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Трајкоска укажа дека на поставено прашање во врска со Советот за унапредување на образованието и науката, односно колку состаноци имало, колкав хонорар земале членовите, кои заклучоци се донесени прво добила одговор дека нема надоместок поради тоа што спаѓа во делот на работни обврски на членовите. Но, при поставување на прашање до Владата согласно Законот за пристап на информации од кабинетот на премиерот и било одговорено дека истиот не е формиран.
„По три недели добив одговор од кабинетот на премиерот дека такво тело воопшто не е формирано. Ова е одговор од канцеларија на премиерот. Што правиме сега, фатени сте во лага, дали ќе се исправите пред македонската јавност и вие кои седите тука на поклон бидејќи не сте избрани на избори“, рече Трајкоска.
Дополнително таа укажа дека премиерот не може да се вади односно како што рече „намерно не ме разбирате, прашањето е многу прецизно и на тој совет треба да бидете претседател вие, а од вашиот кабинет ми одговорија дека не е формирано такво тело“.
Трајкоска постави и две прашања до Шаќири. Првото дека не се задоволни граѓаните или две третини од нив од квалитетот на образованието.
„Вие од ДУИ сте на власт 20 години и ниту еднаш не преземате одговорност, се другите ви се виновни. Се зборува дека поради интегрирањето на предметите како општество и природа, а кај наставниците има несигурност, дилема дали ќе останат на работа, дали ќе им се намалат платите. Се зборува дека ќе изгубат работни места или повеќе од двесте наставници по географија да останат без работа. Дополнително нема кадар кој ќе предава интегрирани предмети како природа и општество, знаете ли каков хаос ќе предизвика ова. Како вие ќе им гарантирате на наставниците дека нема да останат без работа и без плата“, праша Трајкоска.
Како второ прашање, таа го постави проблемот што несоодветни лица се поставуваат на функции, дека има самоволие кај директорите кои во одредени училишта ги крателе часовите за време на постот, за лошите услови во студентските домови, за тоа дали ќе има учебници за следната учебна година во септември.
По одговорот од министерот Шаќири, Трајкоска рече „ништо конкретно не кажавте, а бев многу јасна со прашањата кои се големи проблеми за многумина“.