Со средба со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заврши денешниот марш на семејствата на настраданите во дискотеката „Пулс“ во Скопје,
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изрази уверување дека правда за овој случај мора да има „ако сакаме да имаме нормална држава“ посочувајќи дека во интерес на истрагата не може да изнесе повеќе детали во овој момент. Министерот, меѓу другото, посочи дека за случајот досега осомничен е и актуелен министер, актуелен директор на ДЗС и актуелен градоначалник, откако претходно семејствата на настраданите повикуваа на одговорност и неселективна правда.
Пред почетокот на средбата, Тошковски упати извинување кон семејствата на настраданите за тоа што досега не ги примил на средба, но, како што рече, со дел од родителите веќе има разговарано.
– Ве молам да седнеме да разговараме и да ја тргнеме политиката на страна. За сите работи што ве интересираат спремен сум да разговараме, не денеска, не вчера, туку цела година ако сакате ќе збориме, за тоа што треба да збориме. Се извинувам што не сум ве примил до сега, имам примено дел вас, имам разговарано со дел од вас, немам со сите вас разговарано, но извинете од дното на душата за тоа, рече Тошковски.
Маршот започна пред Јавното обвинителство, каде дел од семејствата на настраданите се сретнаа со јавниот обвинител и тимот на обвинители кои ја водат истрагата за пожарот, потоа продолжи пред законодавниот дом, од каде повикаа на одговорност и оставки од пратениците. Пред законодавниот дом, тие имаа средба со пратеници од Левица и СДСМ. Најпрво излегоа пратениците Борис Крмов и Јована Мојсоска, потоа и пратениците од СДСМ, по што имаа разговор со лидерот на опозицијата Венко Филипче.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на 46. собраниска седница на која се расправаше за интерпелацијата за министерот Панче Тошковски, инфомираше дека министерот Тошковски ќе ги прими на средба семејствата на настараданите во пожарот, по што од пред собраниската зграда тие се упатија пред Министерството за внатрешни работи.
Дел од семејствата, претходно, влегоа во зградата на Јавното обвинителство од каде вчера беше упатен повик за средба со државниот јавен обвинител и со обвинителите кои ги водат предметите за овој случај, по што од Јавното обвинителство преку соопштение велат дека ги информирале блиските за досегашниот тек на истражната постапка и одговарале на нивните прашања и дилеми.
– Одговарајќи на сите поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојни распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес, стои во соопштението од Обвинителството.
Оттаму велат дека Обвинителството продолжува интензивно да презема дејствија на распити и вештачења од кои најголем дел од прелиминарните резултати се очекуваат во следните неколку дена.
– Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и се вклучени десетици стручни лица од различни области, дополнуваат од ЈО.
Во исто време, Обвинителството упати и отворен повик до сите граѓани кои располагаат со лични сведоштва, информации или докази поврзани со работата на клубот „Пулс“ и поврзаните фирми, како и за надлежните институции, да ги споделат преку специјално изготвен формулар достапен на веб-страницата на Обвинителството (www.jorm.gov.mk).