Толковниот речник на македонскиот јазик во шест тома од денеска е достапен онлајн и бесплатно за користење на интерактивната платформа makedonski.gov.mk, која денеска ја промовираше Владата по повод 5 Мај – Ден на македонскиот јазик.
Авторите и редакцијата на Речникот ги подготвија печатените 4200 страници за електронското издание, откако по предлог на Советот за македонски јазик и на барање на Институтот за македонски јазик, Владата одлучи трајно да ги откупи материјалните права на составувачите на овој значаен лексикографски труд. Министетството за образование и наука ја операционализираше одлуката, а Министетството за култура го стави онлајн-изданието на Толковниот речник во националната програма за „Годината на Конески“.
На 8 декември 2017 година, по повод Денот на св. Климент, со одлука на Владата беше промовирано достапно за јавноста електронско издание на Правописот на македонскиот јазик, кој исто така ќе биде достапен на новата платформа makedonski.gov.mk.
Владата денеска онлајн, од Спомен-собата на Мисирков во Институтот, го промовираше и електронскиот Толковен речник по повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, востановен пред две години во чест на историскиот 5 мај 1944 кога е усвоена современата македонска азбука.
Денешната промоција е и во рамки на чествувувањето 100 години од раѓањето на Блаже Конески, што е и во календарот на УНЕСКО за меѓународни јубилеи во 2021, и во годината кога се одбележуваат 95 години од смртта на Крсте Петков Мисирков (1874-1926) – патронот на Институтот за македонски јазик.
На промоцијата се обраќаат претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител на „Годината на Конески“, премиерот Зоран Заев, директорката на Институтот – Елена Јованова-Грујовска и раководителката на проектот и главен редактор на електронското издание на ТРМЈ – Снежана Велковска.