Токеш: Со делувањето на опозицијата, иднината на нацијата се става на коцка

Од:

Секогаш кога е во прашање националниот интерес треба да ги ставиме настрана меѓусебните разлики и да работиме во интерес на сопствениот народ, порачува европратеникот Ласло Токеш од Романија, кој е дел од групата пратеници од Европската народна партија, која деновиве престојува во посета на Македонија.

– Еден од условите за членство во ЕУ е постоење функционална демократија и институции кои работат, а тој е доведен во опасност поради однесувањето на опозицијата. По мое мислење опозицијата ја злоупотребува ситуацијата, обидувајќи се да ја провоцира Владата. Во овој момент сметам дека е потребно вистинско и целосно единство во интерес на евроинтеграцијата на земјата. Иако Грција и Бугарија може да го попречат процесот на пристапување, барем политичката елита внатре во земјата треба да постигне единство во интерес на државата. Секогаш кога е во прашање нашиот заеднички интерес треба да ги ставиме настрана меѓусебните разлики и да работиме во интерес на нашиот народ, вели Токеш во интервју за МИА.

Запрашан дали ваквото однесување на опозицијата ќе има негативен ефект врз Извештајот за Македонија на ЕК, тој со потврден одговор.

– Сега иднината на целата земја е во прашање, а не само на една или друга партија, вели Токеш.

За тоа дали тоа што го прави опозицијата оди директно во интерес на Грција и на Бугарија, тој вели, дека тоа не може да се каже, но оти сепак конвергира со такви последици.

– Потребно е прво внатрешниот конфликт да се реши, потоа да се отстрани полесната пречка, а тоа е Бугарија, за на крај да се реши спорот со Грција, кој изгледа многу посериозен и за кој потребна е ефективна поддршка од ЕУ, како што беше случај и со Косово. Косовската ситуација не можеше да се реши без помош од меѓународната заедница.

– Паралелно, односно аналогно на тоа, потребна е целосна поддршка за Македонија во случајот со Грција. Сметам дека апсолутното мнозинство земји се на страната на Македонија, освен Грција. Над 130 држави ја признаа Македонија под нејзиното уставно име, затоа никој не може да ја запре Македонија и процесот на нејзината еманципација. Како и да е, време е да започнат преговорите за пристапување на земјата во ЕУ. Во меѓувреме, страните може да дебатираат за името, но, преговорите мора да започнат, бидејќи Македонија ги исполни сите критериуми за нивен почеток, вели европратеникот Токеш.

Тој е оптимист дека Македонија ќе добие датум за преговори за време на ирското претседателство, и покрај случувањата во земјата.

– По мое мислење, Комисијата треба да одлучи во корист на почеток на преговорите, дури и ако Грција се противи. Знам дека тоа не е можно, но и во апстрактна смисла стојам на ова, рече Токеш, кој е поранешен потпретседател на ЕП и свештеник по вокација.

Тој рече оти не може да вети дали со колегите европратеници ќе се сретне со опозицијата и ќе им ги пренесат пораките, но оти се уште не ја знаат целата агенда која им е подготвена за нивниот престој во Македонија. – Се додека опозицијата е далеку од Парламентот, се чини сака да е далеку и од средба со нас. Не разбирам зошто не се соочиме со нив и ја искористиме можноста да разговараме. Како и да е, од средбите со министерот за надворешни работи и функционери во Владата и со државниот секретар во Парламентот и тие ни дадоа разумно и прифатливо објаснување во врска со критиките и обвинувањата од страна на опозицијата на сметка на Владата. Во овој момент се обидуваме да ја процениме вистинската ситуација во вашата земја, вели Токеш.

Според него, суштинско за надминување на ситуацијата со политичката криза е дијалогот меѓу опозицијата и владеачката коалиција. Од страна на претставници на Владата им бил пренесен ставот дека таа е подготвена да го продолжи тој дијалогот, но оти опозицијата се противи на тоа, поставувајќи многу предуслови како одржување предвремени избори.

Осврнувајќи се на искуството на Романија во процесот на пристапување во ЕУ цени дека тие се слични по однос на реформите кои треба да се спроведат во општеството. Од денешен аспект, вели, по членството, земјата се соочува со друг вид проблеми.

– Тоа е како со проблемите пред и по бракот, а тие се различни. Главниот проблем е јазот меѓу истокот и западот. Целиот источен дел зад Берлинскиот ѕид кој е сега дел од ЕУ, продолжи да заостанува. Го имаме и наследството од поранешниот комунизам.

– Од друга страна, Романија како земја која ја помина најсуровата диктатура под Чаушеску, беше една од земјите со најголема невработеност меѓу државите од поранешниот советски блок. Тоа ме потсетува на Македонија, која заедно со Црна Гора и Косово беше еден од најнеразвиените делови во поранешна Југославија. Со ова наследство од минатото многу е тешко да се постигне членството во вистинска смисла, не само на хартија, туку и според условите, посочува Токеш.

На тоа, се надоврзува и фактот што Романија нема демократска традиција, па затоа тешко оди воведувањето на демокартските правила и на демократскиот начин на размислување, односно демократска самосвест, вели Токеш, кој, како свештеник во 1988 година ја поведе револуцијата против Чаушеску.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он