Кандидатот и актуелен градоначалник на општина Центар од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Тодоровиќ ја побара поддршката за идниот градоначалнички мандат за да може, како што рече, општината да продолжи да се развива и гради како и досега.
– Пред точно четири години, заедно со граѓаните започнавме да пишуваме една нова приказна за урбан, модерен и функционален Центар, за Центар кој постојано расте и се развива, оди напред, добива европски лик, а сепак автентичен за скопскиот дух. Работевме заедно и создадовме многу. Го создадовме Сквер Јадран, го изградивме мостот на уметноста, изградивме голем број паркиралишта и катни гаражи, реконструиравме и обновивме повеќе од 60 улици, тротоари, пешачки патеки, постојано хортикултурно го уредувавме Центар, му дававме свежина на градот, ги реновиравме сите детски градинки, градевме спортски сали, се грижевме за здравите навики на децата, се грижевме за пензионерите, едноставно работевме на сите полиња и за сите граѓани, рече Тодоровиќ.
Посочи дека изминатите години биле реализирани повеќе од 228 проекти, а за следните четири години во програмата е предвиден 131 проект.
Изминатиов период, додаде, заедно со тимот и граѓаните на општина Центар напорно работевме на продолжување на приказната за Центар.
Преку постојаните средби, како што истакна, полека, темелно и сериозно создадовме нова програма, програма за нови паркови, нови реконструирани улици, тротоари, пешачки патеки, училишта, спортски игралишта…
Во изминатиот период, сите средби кои ги имав со граѓаните беа многу корисни. Разговаравме на различни теми, јас им ги кажував моите идеи, тие нивните потреби и заедно ја создадовме новата програма. Создадовме реална, издржлива и корисна програма која единствено може да ја продолжи успешната приказна за Општина Центар. Она во што што сум сигурен е дека Центар ќе продолжи да расте и да се развива, истакна Тодоровиќ.