Вкупно 25 американски доктори ќе учествуваат во втората фаза од Проектот за престој на специјалисти од САД во јавни здравствени установи во Македонија во 2013 година, информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.
Според него, со тоа проектот, чија цел е подигнување на квалитетот на здравствениот систем во земјата, есенва продолжува со уште поголем интензитет, бидејќи во првата фаза беа ангажирани 12 специјалисти од САД.
– Проектот, како и во својата пролетна фаза, предвидува целосно вклучување на специјалистите од САД во работата на институциите каде што ќе бидат ангажирани, работа рамо-до–рамо со нашите специјалисти, обука на нашите специјалисти за методи кои кај нас опремата ги дозволува, но не се прават предавања и форуми за специјалистите, специјализантите и студентите по медицина, како и поддршка на менаџментот на здравствените установи и Министерството за здравство со предлози за подобрување на системот, рече министерот Тодоров.
Втората фаза ќе трае од септември до ноември годинава, а треба да пристигнат специјалисти од различни специјалности, вклучувајќи дигестивни хирурзи, специјалисти по адултна и педијатриска ургентна медицина, гинеколози, кардиолози, невролози, педијатри, анестезиолози, офталмолози, радиолози, онколози, неонатолози, патолози, експерти за здравствени системи.
Овие специјалисти, како и во првата пролетна фаза, ќе бидат распоредени во различни јавни здравствени установи на терциерно и секундарно ниво според нивната специјалност: универзитетските клиники, клиничките болници, општите болници, посочи Тодоров.
Координаторот и раководител на проектот д-р Енди Сандерс подвлече дека за регрутирањето на овие врвни медицински експерти се посветува големо внимание бидејќи од нив се бара, покрај исклучителни стручни и човечки вредности, работа на партнерско ниво со нивните македонски колеги за време на престојот во јавните здравствени установи во Македонија. Тој изрази задоволство од, како што рече, големата посветеност на македонските здравствени власти и лекари за имплементацијата на овој проект. Воедно информира и за големиот интерес кај американските специјалисти да бидат дел од проектот и да ја пренесат својата експертиза.
Говорејќи за придобивките од првата фаза, д-р Сандерс потенцира дека е постигнато значително подобрување во кардиологијата, електрофизиологијата, воведена е нова форма на вентилација за новородените, подобрени се вештините на радиолозите кои прават биопсија на дојка и воспоставени се повисоки стандарди за грижа на канцер на дојка.
– Не постои една општа слабост. Лекарите тука се високо едуцирани како и во САД, а како што знаете имаше и огромна инвестиција во опрема и нови технологии. Но, специјалистите забележаа области каде постои простор за подобрување и каде процедурите не се следат онака како во Америка. Недостастигаа некои чекори, но тоа беше различно за секоја болница. Тоа е вообичаено, кога некој расте толку брзо, некои чекори да недостигаат, оценува д-р Сандерс на новинарско прашање за слабости во македонското здравство.