Тодоров: Со Предлог-законот абортусот не е забранет

Од:

Предлог-законот за прекинување на бременост задира во правата на жената. Одредбите содржани во него ги пролонгираат процедурите и го намалуваат пристапот на жената до можноста за остварување на ова право.

Тоа пак, може да доведе до масовна појава на извршување абортуси во несоодветни услови, односно на несоодветни места, се забелешките на дел од учесниците на денешната јавна расправа што ја организира собраниската Комисија за здравство.

Со одредбите, смета Славејко Сапунов, гинеколог на Клиниката за гинекологија и акушерство и претседател на Здружението на лекари во гинекологијата и акушерство, се ограничува правото на жената сама да донесе одлука во врска со прекинот на бременоста. за него спорни се одредбите кои предвидуваат дека треба да поминат три дена по задолжителното советување за да може да се изврши прекинот, како и писмената согласност или барање за прекин на бременоста.

– Бремената жена, која доаѓа да ја прекине бременоста не е пациент, не подлегнува под Фондот за здравствено осигурување. Тоа значи дека таа е клиент, исто како оние што доаѓаат за липосукција, подобри гради, усни… Таа не би требало да влезе во оваа категорија бидејќи е клиент кој си ја плаќа услугата која ја бара. Затоа се поставува прашање дали е потребно такво барање од неа, рече тој.

Марија Савовска од Здружението за унапредување на родовата еднаквост „Акција здруженска“ смета дека има потреба од нов закон, со оглед на тоа што, како што рече, стариот има недостатоци, но оти тој треба да биде донесен во транспарентна и редовна постапка.

– Во подготовката на предлозите на законите, државата треба да ги почитува уставно загарантираните права и слободи, во случајот право на слободна и автономна одлука на граѓанките за тоа дали кога и колку деца ќе имаат, рече Савовска.

Додаде дека предлагачот не може да ја образложи итноста за законот да биде донесен во скратена постапка, особено што, како што истакна, тој не е од технички карактер, туку задира во права и слободи загарантирани со Уставот. Според неа, задолжителното советување предвидено во законот, значи недоверба во способноста на жената за носење промислена одлука.

За учесниците во јавната дебата, освен писменото барање за прекин на бременоста, периодот на чекање по задолжителното советување, спорна е и одредбата со која се предвидува казна за лекарот доколку не изврши советување на жената и на брачниот другар. Со тоа сметаат се нарушува правото на жената самаостојно да донесува одлука.

За министерот за здравство, Никола Тодоров, кој имаше воведно излагање на јавната расправа, со законот не се ограничкува ниту едно право на жената, туку се уредува областа и се менува постојниот, кој е стар четириесеттина години.

Во светот, рече, постојат два спротвставени концепта за прекинот на бременоста, конзервативен и ултралиберален. Најголем дел од земјите, додаде, се меѓу овие два концепти. Тоа со предложениот закон, според Тодоров, го прави и Македонија.

– Со Предлог-законот абортусот не е забранет, тоа е право за кое слободно одлучува самостојно жената, може да се изведе од социоекономски и лични причини и тоа и по 10-та гестациска недела. Сите овие постулати кои ги исполуваат земјите кои на најлиберален начин го определуваат ова право се предвидени и во предложениот закон, рече министерот за здравство.

Разлики меѓу стариот и новиот закон, истакна тој, скоро и да нема, освен една во кога е предвидено да се чека три дена откако ќе се изврши советувањето. Македонија вели има избрано најкраток период, за разлика од други европски земји или земји членки на ЕУ кај кои е предвидено од три во Германија, пет во Холандија, шест во Белгија… до 14 дена чекање по советување во Данска.

Законот Владата го предложи во скратена постапка. Тој го помина правото читање во Собранието, односно беше оценето дека има потреба од донесување таков закон. Наскоро тој треба да се најде повторно во Собранието во втора фаза, кога е предвидена и амандманска расправа.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство