Денешното рочиште за „крвавиот четврток“ продолжи со емитување на снимките од 27 април направени од медиумите пред влезот на Собранието, во главниот хол и во прес центарот каде беа нападнати пратениците.
На една од снимката се гледа како поранешниот министер, Никола Тодоров се гушка и поздравува со еден од демонстрантите во холот кај главниот влез на Собранието по што разговара и со останати лица кои се влезени во парламентот.
Додека трае упадот низ главната врата од Собранието, се гледа бел чад и како обвинетиот Богдан Илиевски држи говор пред граѓаните, а цело време до него стојат униформирани лица кои не преземаат ништо. Исто така од снимките се гледа и како обвинетиот Владо Јовановски пее заедно со толпата внатре во Собранието.
Помеѓу толпата во холот се наоѓаат и пратениците Крсто Мукоски и Илија Димовски како и обвинетиот Мунир Пепиќ.
Толпата цело време извикува “живи ќе ве јадеме”, “избори”, “Македонија”, а во еден момент се слуша и женски глас кој ги повикува граѓаните кои излегуваат од Собранието да се вратат назад.
На снимката од прес центарот може да се забележи обвинетиот Игор Југ кој се движи кон аголот кон кој се наоѓаат пратениците. Во тој момент маицата одзади му е подигната, а од задниот дел од панталоните му стои некаков предмет.
Во прес центарот присутни се и лицата со фантомки меѓу кои и обвинетите Стефан Младеновски и Дејан Давидовски кој моментално е во бегство.
Денешното рочиште за 27 април порано го напушти обвинителката Вилма Русковска откако и се слоши додека се репродуцираа снимките од „крвавиот четврток“.
Виктор Јованов