Ставањето во функција на новиот дигитален мамограф во Клиничката болница во Штип е од големо значење за пациентите од источниот регион. Ова денеска го изјави министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска ја посети таа јавна здравствена установа.
Посочи дека новиот дигитален мамограф, кој чини околу шест милиони денари и е сместен на Одделението за рендгенологија, го заменува стариот аналоген мамограф.
– Прегледите на мамографот веќе се ставени во рамките на „Мој термин“ и има три термини во неделата, а два термина се за скрининг за рак на дојката што го водиме централизирано преку Министерството за здравство. Од она што можам да го констатирам во Штип е дека имаме постојано набавки на нова опрема, а се инвестира и во сите други сегменти. Знаете дека започнавме и со изградба на новата клиничка болница која што ќе ги замени практично овие стари згради и оваа стара здравствена инфраструктура, рече Тодоров.
Тој потенцираше дека Министерството за здравство во изминатите четири години работело и на зајакнување и зголемување на медицинскиот персонал во Клиничката болница во Штип.
Во изминатите четири години вработени се 140 лекари, медицински сестри и болничари, а доделени се и 30 специјализации на лекарите кои веќе специјализираат во одредени гранки од медицината во земјава и во странство.