Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП) со реакција заради долго најавуваното градење на Турски театар кој се уште не почнал да се гради.
„Денес, точно по две години од помпезното поставување на камел темелникот на новата зграда на НУ Турски Театар, гледаме дека тој чин бил само лошо режирана “претстава“ во која премиерот Никола Груевски пресече црвена лента, се обиде да добие политички поени и уште еднаш ја излажа турската заедница во Македонија.
Да се потсетиме дека министерката за Клутура Елизабета Канческа – Милевска најавуваше дека за 14 месеци ќе се заврши првата фаза од изградбата т.е. ќе биде финиширана карабината. Но и по 24 месеци изградбата на Турски Театар трае со брзина на желка. Ваквиот игнорантски однос кога станува збор за Турскиот Театар стана заштитен знак на владата на ВМРО – ДПМНЕ. Меморандумот за изградба на овој театар беше потпишан помеѓу Македонија и Турција уште во 2005 година, но и по една деценија сето тоа останува само пуста желба.
Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП) јавно прашува зошто премиерот кој пред некој ден најави изградба на четири нови капитални културни објекти не го спомна и Турскиот Театар и зошто во буџетот предвиден за 2016 година нема ниту еден денар за изградбата на овој културен објект? Дали еден од најуспешните и најнаградуваните театарски ансамбли кој веќе седум децении твори во оваа земја заслужува вакво понижување? Кога веќе не може да се заврши изградбата на театарската зграда, зошто министерството за култура не успеа да најде прикладен начин ансамблот на Турски Театар да функционира со постојан репертоар како што и доликува на еден седум децениски културен бренд на Македонија?
Владата на Груевски за лудничавиот проект Скопје 2014 потроши повеќе од 600 милиони евра, додека изградбата на Турски Театар би чинело помалку и од 1% процент од оваа сума. Повеќе од очигледно е дека како и во сите сегменти така и во културата Груевски ги дискриминира Турците во Македонија.
Воедно ги повикуваме на одговорност Премиерот Никола Груевски, Министерката за Култура Елизабета Канческа – Милевска, директорот на НУ Турски Театар Атила Клинче, но и сите инволвирани на оваа децениска измама на турската заедница.“, стои во соопштението на Партија за Движење на Турците во Македонија – ТХП