„Последните неколку години Турците во Р. Македонија секој ден сѐ повеќе се маргинализираат. За жал владеачката гарнитура Турците во Р. Македонија ги третира како граѓани од трет ред. Ние како (ТХП) Партија за Движење на Турците во Р. Македонија со сите расположливи демократски средства се обидуваме да се избориме за правата на Турците во државата. Последните неколку месеци и Турците се дискриминирани на граничните премини.
На дел од припадниците на Турската заедница од југоисточниот регион на државата им се забранува да ги преминат граничните премини иако поседуваат регуларни и важечки патни исправи. На некои од нив директно им било посочено дека не можат да ја поминат границата, бидејќи постои опасност да заминат во некоја од европските земји за да побарат азил, но најголем дел од нив се вратени без никакво објаснување.
Ваквиот однос на државните служби нѐ потсетува на времето на комунистичките режими, кога на граѓаните на тие држави не им се дозволуваше да ја напуштат државната територија, односно им беше забрането слободното движење. Граѓаните на Р. Македонија кои се од турската заедница на најлегален начин си ги добиле патните исправи од страна на МВР. Но зачудувачки е дека истото министерство не им дозволува да излезат надвор од државава. Знаејќи дека сите институции се исполитизирани, дали ВМРО-ДПМНЕ, односно граничните службеници на Р. Македонија вршат дискриминација по етничка основа?
Зошто Турците од југоисточна Македонија не смеат да патуваат во Европските земји, односно да ги напуштат државните граници?
Треба да се најде решение за проблемот со граничните премини, етничкото профилирање и дискриминацијата со која се таргетира турската заедница во Р. Македонија. Турската заедница е дискриминирана во сите области, па и по граничните премини не ни дозволуваат да патуваме со важечки патни исправи. Во оваа држава за жал демократијата е згасната. Ја прашувам министерката за внатрешни работи; до кога ке продолжи оваа тортура кон турската заедница во Р. Македонија“, се вели во соопштението на Партија за движење на Турците во Р.Македонија (ТХП).