„Како се продлабочува политичката криза во Македонија, така и расте бројот на политичари од владеачките партии кои се вмешани во криминални дејствија.
Јавно прашуваме кој му даде македонски пасош на Реза Зараб кој е со Иранско потекло и пред некое време беше приведен во САД?
Дали Реза Зараб има инвестиција во Македонија? Доколку има, бараме на најтранспарентен начин да се сподели со јавноста.
Исто така јавно прашуваме според кој закон на Зараб му се доделени македонски пасош и државјанство?
Додека иселениците од Македонија кои живеат во Р. Турција не дбовиаат македонски пасош и државјанство, која е причината што Риза Зараб кој е притворен во САД има добиено македонско државјанство?
Дали е праведно иранецот Реза Зараб кој се товари со огромни криминали експресно да добие македонски пасош и државјанство, додека Турците од Македонија кои се родени во оваа земја и поради финансиски проблеми заминале во Турција не можат да се изборат за македонски пасош и државјанство?
Изгледа ВМРО-ДПМНЕ заборави дека има дебело досие кога станува збор за доделување на македонски пасош на т.н. бизнисмени. Пред извесно време на ист начин со македонски пасош и државјанство се здоби и Индиецот Субрата Рој, кој по кратко време беше притворен во својата родна земја.
Поради кои причини ВМРО-ДПМНЕ доделува македонски пасоши и државјанства на сомнителни лица?
Министерот за внатрешни работи, Чавков наместо да ги снима граѓаните кои учествуваат на протестите и да врши терор врз жителите на турските села, под итно треба да даде одговор на овие прашања. Нема да дозволиме власта на ВМРО-ДПМНЕ да ги злоупотреби Турците за да ги постигне своите нечесни намери“, соопштуваат од Партија за Движење на Турците во Македонија – ТХП.